Со отворањето на изложбата на писателката Дубравка Угрешиќ, „Црвеното училиште“, на 26 април, со почеток во 19:30 часот, во КСП Центар – Јадро почнува деветтото издание на Фестивалот за критичка култура „КРИК“, во организација на Контрапункт. На отворањето на изложбата ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат, а на 27 април, во 18:30 часот, посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на ексклузивно водење низ изложбата со Милат од Мултимедијален институт, Загреб. Изложбата ќе биде отворена до 9 мај, кога во 19:30 часот, ќе се одржи промоција на четири книги од Угрешиќ.

На почетокот на војната во Југославија, во рацете на Дубравка Угрешиќ случајно се нашол еден учебник, која според годината на издавање лесно би можел да биде и нејзин. Пред писателката одненадеж искрснале два света – дамнешен, заборавен свет на учебникот – книгата за почетници, кој ветувал среќна иднина, и другиот, стварниот, кој таа иднина брутално ја оспорувал. Таа епизода ја поттикнала Дубравка Угрешиќ на собирање на учебници, а резултира со низа дела и текстови кои се претставени на оваа изложба.

„Посетителите на оваа изложба ќе ги воочат остатоците од минијатурното црвено училиште купени одамна во некоја амстердамска старинарница, како и мојата опсесивна(зло)употреба на петокраката ѕвезда и српот и чеканот. Од денот кога Хрватска е прогласена за независна држава, а од тогаш до денес поминаа точно триесет години, хрватското ментално и визуелно поле постепено го окупираа свастики, црни како бубашваби, во сите големини. Петокраките ѕвезди расфрлани низ моите „дребулии“ спаѓаат во компулзивен гест на еден губитник. Иако „црвената ѕвезда“ не беше мојот идеолошки беџ, ниту пак во моето детство нејзината присутност не беше нападна, сепак, како би можело да се заклучи, судејќи по моите дела, таа стана присутна. Црвената ѕвезда не е ниту одбрана ниту заштита, ниту пак политичка стратегија. Таа е оној тивок, но постојан аларм. Beeper. Црвената ѕвезда е тука за да се постави прашањето дали сите оние свастики – бубашваби навистина нè поплавија?“, ќе одговори Угрешиќ на прашањето со што точно се занимава во „Црвеното училиште“.

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) е авторка на книгите „Поза за проза“, „Штефица Цек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот-река“, „Музеј на безусловното предавство“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Никого нема дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Хрватската, југословенска и холандска писателка, публицистка и научничка живееше и работеше во Амстердам.

Инаку, КРИК 09, годинава се одржува во тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“.