Нема индикатори дека промените на цените на нафтата во светски рамки би можеле да повлечат евентуални нови поскапувања, смета Антони Пешев, извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија. За него, многу побитно тоа што земјава сè помалку произведува храна и се зголемува увозот.

– Битно е дека, за разлика од минатите бранови, државните резерви на САД се на највисоки ниво. Македонија одамна го следи ритамот на пазарите во светот, но е небитен играч, а и онака, објективно, храната во изминатиов период сè повеќе доаѓа однадвор, и тоа е поклучно прашање. Македонија има сè помалку производство, а сè повеќе увоз на храна. Во тој сегмент, цената на нафтата би имала значење. Ако се работи за увоз на храна, тогаш ја делиме судбината на регионот. Храната лани дури доаѓаше од Египет, не верувам дека и оваа година. Таа се дистрибуираше низ цел Балкан, што е апсолутно генерален принцип на снабдување во регионот и мислам дека новата влада ќе треба да направи доста за ова – рече Пешев.

Коментирајќи ги изборите, тој истакна дека земјава е пред политичка промена и очекува поголема излезност на 8 мај, во текот на парламентарните и на вториот круг претседателски избори. На новата влада ѝ порачува: она што е договорено со стопанството пред изборите, доследно да се спроведе за да може компаниите да го приспособат своето функционирање на новите услови.

– Се наоѓаме пред политичка промена во управувањето со државата. Сигурно ќе има промени. Се радувам за тоа да видам какви ќе бидат првите потези на некоја нова влада ако се формира. Треба да нè радува дека имавме мирен изборен ден. Излезноста не беше огромна, но, сепак, се работеше само за претседателски избори. Очекувам излезноста на 8 мај да биде поголема. Важно е дека сите позначајни политички партии беа во Стопанската комора, добро подготвени, со економски програми, некои подобри. Ги комунициравме пред да дојдат на власт. За нас беше пријатно сознанието дека сакаат да го слушаат тоа што имаме да го кажеме. Овој пат се надевам дека ќе биде таква добитната комбинација што ќе излезе од парламентарните избори, зашто ни е особено битна – она што сме го договориле, па макар и не било 100 отсто во интересите на економијата, доследно да се спроведе и да биде предвидливо за да може компаниите да го приспособат своето функционирање на новите услови – истакна Пешев.

Минатиот месец, пред почетокот на изборниот процес, Стопанската комора имаше средби со лидерите на најголемите партии. Ги слушна нивните економски програми и ветувања, но и уште еднаш ги повтори своите барања: отчет за секој потрошен денар, максимална реализација на капиталните инвестиции без пренамена на планираните средства, постигнување општ консензус за враќање на правната држава, за почитување на пазарните механизми, за борба против корупцијата и за намалување на администрацијата.