Приходите од руската нафта и гас речиси двојно се зголемија во април, проценува Reuters

Приходите на Русија од нафтата и гасот ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди американски долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат податоците на пресметките на Reuters.

Агенцијата ги заснова проценките на податоци од индустриски извори и официјалната статистика за производство, преработката и снабдувањето со нафта и гас на рускиот и на меѓународниот пазар.

Руското Министерство за финансии на почетокот од мај ќе ги објави официјалните податоци за април.

За целата 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога беа намалени за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.

Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеца од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), проценува Reuters.

Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат и забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.