Фасадата и покривот на новиот репресентативен објект на Турски театар во Скопје се завршени, а од страна на Министерството за култура се обезбедени средства и за останатите фази од изградбата. Според ресорната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, следува третата фаза во која ќе бидат поставени внатрешни инсталации за што е во тек избор на изведувач.

Гаранција дека театарскиот ансамбл наскоро ќе има свој дом, е обезбедена со одлуката за тригодишно континуирано финансирање.

„Во три буџетски години – 2024, 2025, 2026, продолжува непречено да се финансира изградбата за што се проектирани 6,1 милиони евра односно 380 милиони денари. Годинава од буџетот се обезбедени 1,7 милиони евра или 104 милиони денари со кои ќе се комплетираат градежните зафати, ќе се постават инсталации, ќе се уреди ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор  за театарот да го добие својот облик и форма за да можат вработените низ уметничкото творештво да придонесат во уште поголема афирмација на македонската културата“, посочи меѓу другото Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека Турскиот театар повеќе од 70 години активно учествува во афирмацијата и популаризацијата на турската, но и севкупната култура.

Директорката на Турски театар – Скопје, Ајлин Емин Скоро, пак истакна дека е во тек јавната набавка која се чека да заврши во законски рок, да се одреди изведувачот и веднаш да се почне со внатрешните инсталации – механиката, електриката, водовод и канализација.

„Објектот е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува и афирмира јазикот и култура на турскиот народ тука, и во него ќе функционира и новоформираната национална установа Турски културен центар со галерии“, додаде Емин Скоро.

Инаку, Турскиот театар во Скопје постои 74 години и до пред десетина години работеше во ист објект со Албанскиот театар – Скопје во тогашниот Театар на народностите. Во 2015 почна изградбата на нова театарска зграда во близина на Железничката станица и оттогаш ансамблот на Турскиот театар ја дели сцената во објектот на Театар Комедија. (Д.Т.)