Линкови за пристапност

Таткото на Вања оди во куќен притвор, Врховен ја уважи жалбата


Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, во салата на Врховен суд
Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, во салата на Врховен суд

СКОПЈЕ – Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, оди од затворот „Шутка“ во куќен притвор. Врховниот суд на денешната седница ја уважи жалбата на Ѓорчевски и неговиот бранител адвокатот Владимир Туфегџиќ.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, а решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија од Врховниот суд.

Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни
Александар Ѓорчевски

На денешната седница Ѓорчевски, видно вознемрен и низ солзи побара неговата жалба да биде прифатена. Тој кажа дека самиот водел истрага по исчезнувањето на неговата ќерка и затоа е во притвор а случајот има само делумни информации и сака да го дочека моментот кога ќе биде откриен идентитетот на одговорните за убиството на неговата ќерка.

„Ми одзедоа сè. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни. Се соочувам со апсурдни обвинувања до апсолутност. Во моментите кога не можев да пуштам ниту глас, ниту солза, бев обвинуван во полициска станица и тоа за работи што не ми се јасни и не ги разбирам“, рече Ѓорчевски.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ рече дека семејната трагедија што ја преживува неговиот клиент ескалира бидејќи тој нема контакт со другата ќерка, односно не му е дозволено да ја види својата друга ќерка, па во случајот морал да се вклучи Центарот за социјални работи. Тој додаде дека на Александар Ѓорчевски му била вршена и тортура за што постоеле медицински извештаи од Торакалната клиника, за што Хелсиншкиот комитет за човекови права извршил и разговор со Ѓорчевски.

Постапката за екстрадиција на Палевски осомничен за убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска од Турција е во тек а надлежните уверуваат дека тој ќе биде испорачан набрзо. Во притвор остануваат осомничените соучесници Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски.

XS
SM
MD
LG