Бомбино доаѓа во Скопје!

by Fokus

Музичарот Омара Бомбино Моктар доаѓа во Скопје и ќе настапи во Национална опера и балет на шести јуни, со што и официјално ќе биде отворено годинашното издани ена ОФФ Фест.

За гитаристот кој по потекло е од Нигер, од фестивалот посочуваат дека е човек со приказна.

-Во неговата родна земја, тој е вистински култен херој меѓу младите Туарези, способен да го долови звукот на африканската пустина со неговите дисторзирани гитарски мелодии. Заедно со Tinariwen, Mdou Moctar и Vieux Farka Touré, Бомбино е предводник на пробивот на високозаразниот пустинскиот блуз/рок во светот последниве години.
Неговата музика ја става гитарата во центарот на звучниот пејзаж, кој е комбинација на традиционалното и модерното. Експерт за создавање волшебни ритми, Бомбино ја слави културата на Туарезите, чувајќи ја од заборав.

Инспирацијата од неговата музика лесно се забележува во модерните познати инди бендови како Khruangbin, GOAT или Dirty Projectors – Дејвид Лонгстрeт од последниве воедно го продуцираше албумот „Azel“ (2016). Претходно тоа беше Ден Ауербек од The Black Keys кој стоеше зад прославениот „Nomad“ (2013).

Албумот „Deran“, пак, беше номиниран за Греми за најдобар world music албум, со што Бомбино стана првиот изведувач од Нигер што добил ваква номинација.

Во моментов, Бомбино го промовира својот седми албум „Sahel“, кој излезе минатата есен за култната Partisan Records (PJ Harvey, Black Angels, Idles итн.). Без оглед на предизвиците што му ги наметнува животот, Бомбино постојано граби напред во својата мисија да ја користи музиката за ширење љубов, разбирање, како и убавата туарешка култура низ целиот свет, појаснуваат од ОФФ Фест.

Дваесетитретото издание на фестивалот ќе се одржи од шести до деветти јуни во Национална опера и балет, Младински културен центар и Кинотека на Македонија, со осум концертни настапи и два документарни филма и најавени се музички гости од повеќе земји.

Вики Клинчарова

Поврзани новости