ПОВЕЌЕ

    Големи суми ќе дели „Макпетрол“ – Има за раководството, има и за вработените

    Време зa читање: 2 минути

    Повеќе од шест милиони евра ќе поделат акционерите на „Макпетрол“ како дивиденда за успешната 2023 година. Износот произлегува од спојот на ланската и на досега акумулираната добивка, од каде што пари се распределуваат за повеќе намени. Има за раководството, има и за вработените. Сето тоа е во форма на предлози, кои ќе се гласаат на акционерското Собрание, закажано за 28 мај.

    „Макпетрол“ располага со вкупен износ на добивка од 2.446.605.566 денари, односно 39,75 милиони евра. Или, 12,5 милиони евра од 2023 и 27,2 милиони евра, средства од претходните години.

    Од овој износ, за исплата на вработените се двојат 120.000.000 денари/1,95 милиони евра. За членовите на Управниот одбор 34.000.000 денари или 552,5 илјади евра, а за раководните лица се предвидени 5.775.000 денари, односно 98,3 илјади евра.

    „Макпетрол“ и годинава ќе инвестира. За таа намена се определени 4,87 милиони евра. А, како последна осма ставка е – пренос на добивката во наредната година, каде што се работи за сума од 20,7 милиони евра.

    Инаку, на акционерите ќе им се пресметува дивиденда врз основа на утврдените бруто 3.700 денари за акција. Парите ќе им бидат исплатени на сите оние, чии имиња ќе бидат запишани во акционерската книга на 18 јуни. Последен ден на тргување со право на дивиденда е 14 јуни.

    Со најголемиот домашен дистрибутер на горива раководи Управен одбор предводен од Андреја Јосифовски. Другите четворица членови се Михајло Борозанов, Сашко Павловски, Марија Спасовска Јосифовска и Сашо Бошковски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично