НБА лига: Мајами сензационално славеше во Бостон, Оклахома го удвои водството со Њу Орлеанс

Кошаркарите на Мајами Хит израмнија на 1-1 против Бостон Селтикс во првото коло од НБА плеј-офот, додека Оклахома Сити Тандер поведоа со 2:0 против Њу Орлеанс Пеликанс.

Сензација направи минатогодишниот финалист Мајами кој во Бостон го совлада најдобриот тим во регуларниот дел со 111:101 и потврди дека е крајно непријатен противник во плеј-офот. Во тимот на Хит најефикасен беше Тајлер Хиро со 24 поени со 14 асистенции, а погоди шест од вкупно 23-те „тројки“ на Мајами, што е клупски рекорд во плеј-офот. Придонес во победата имаа и Бам Адебајо со 21 поен и 10 скока, Калеб Мартин со 21 поен и шут за „тројки“ 5 од 6 и Хамес Јаскез со 14 поени.

„Сите дојдоа да играат. Изгубивме поради лошата игра во првиот натпревар и сега одговоривме. Тоа е сè што можете да побарате од оваа група момци… Сакаме да се натпреваруваме и тоа е за што се работи“, рече по натпреварот Хиро.

За Бостон, Џејлен Браун постигна 33 поени со осум скока, а Џејсон Тејтум имаше 28 и 8 скока, додека Дерик Вајт додаде 13 поени.

„Тоа беа два сосема различни натпревара, па мораме да се прилагодиме на тоа. Повеќе ризик и нивното прилагодување на повеќе шутеви ја направи разликата. Кога играте дури и малку неефикасно во нападот, тоа врши голем притисок врз вашата одбрана, а Мајами е тип на тим што ги користи предностите од неефикасниот напад поради нивната способност“, изјави тренерот на Бостон, Џо Мазула.

Серијата се сели во Мајами каде ќе се играат следните два натпревара. Третиот натпревар е закажан за ноќта меѓу сабота и недела.

Кошаркарите на Оклахома поведоа со 2-0 против Њу Орлеанс во првото коло од плеј-офот на Западната конференција, по победата на домашен терен со 124:92. Оклахома ја предводеше Шаи Гилџеус-Александер со 33 поени, Чет Холмгрен додаде 26 поени и седум скока, Џејлен Вилијамс 21, седум асистенции и пет скока, Лу Дорт 14 поени и Џош Гиди 13 поени и шест скока.

Тандер шутираа 59 проценти од поле, вклучувајќи 14 од 29 (48,3 проценти) за „тројки“.

„Мислам дека е важно за нас да не се опиваме од конечниот резултат на овој натпревар. Толку добар шут од целиот тим никогаш не е загарантиран. За жал“, рече тренерот на Тандер, Марк Дејно.

Во тимот од Њу Орлеанс, Јонас Валанчиунас постигна 19 поени со седум скока, а Херб Џонс и Брендон Инграм по 18 поени. Главниот стрелец на Пеликанс, Зион Вилијамсон, повторно е надвор од теренот поради проблем со левата тетива.

Третиот натпревар се игра во сабота навечер, а домаќин ќе биде Њу Орлеанс.