(Видео) Хамас објави видео од заложник, киднапиран пред повеќе од 200 дена: Му недостасува дел од раката

by Fokus

Хамас објави видео на кое е прикажан заложник, кој бил киднапран на 7 октомври на музичкиот фестивал кога оваа милитантна група го нападна Израел.

На видеото се гледа дека на 23-годишниот Херш Голдберг-Полин му недостасува левата подлактица. Сведоци претходно раскажале како настрадал кога се обидел да фрли граната од засолниште во кое се криеле луѓе.

Тој наводно ја користел својата кошула за да го запре крварењето пред Хамас да го киднапира. Во видеото, 23-годишникот го критикува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата влада, велејќи дека треба да се „срамат“ што не обезбедуваат ослободување на заложниците.

Тој тврди дека Израелците убиле „околу 70 заложници“ во бомбардирањата, додека останатите живеат „во подземен пекол без вода, храна и сонце“. 23-годишното момче на видеото носи црвена кошула и седи покрај бел ѕид. Видеото завршува со порака до сопствените родители, во која им порачува „останете силни“ и дека „многу ги сака“, пренесува Скај њуз.

Набрзо се јавија и неговите родители. „Те сакаме, остани силен, опстани“, рекоа тие. Џон Полин вели дека е среќен што имал можност да го слушне гласот на својот син за првпат по повеќе од 200 дена.

„Ни олесна што го видовме жив, но сме загрижени и за неговото здравје, како и за сите други заложници и сите оние кои страдаат во овој регион“, рекле родителите и ги повикаа земјите вклучени во мировните преговори „да бидат храбри, да го искористат овој момент и да постигнат договор за секој да може повторно да се обедини со своите најблиски и да стави крај на страдањата“.

Поврзани новости