Фото: Маја Јаневска-Илиева

Горда сум на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, без нив немаше да го запознаат народот, а ни тој мене, мојот тим, горда сум и на учесниците во изборната трка, сите знаеме дека изборниот процес е најстраствениот политички процес, но во дебатата и во изјавите не го пречекоривме критериумот на пристојноста. Горда сум и на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, каде и да бев јас, таму беа и тие со поддршка. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија. Жените беа мојата инспирација, мислам дека и јас нивна, рече претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова. Таа, според податоците на Државната изборна комисија, при пребројани 81 отсто од гласовите, води во првиот круг од претседателската трка со освоени 40 проценти од гласовите.

-Мене ми е јасно дека овој резултат е неверојатно инспиративен за мене. Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста – не мислам дека сум посебна во многу работи, само знам дека тоа што ќе го ветам, ќе го остварам, на мој начин, во тоа ве уверувам. Јас ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со кого ќе се натпреварувам со должна почит… Треба да ги увериме граѓаните дека вреди да се учествува на избори, вреди да се чуе дека сум горда особено на граѓаните – рече Силјановска-Давкова.

Истакна дека постојано повикувала на владеење на правото, ама уште повеќе на насушната потреба од единство во оваа држава.

-Јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладините, со медиумите… Ве уверувам дека ќе се обидам секој ден да докажам дека сум таму не заради својата политичка кариера, туку заради Македонија. Ако заедно се отвориме едни кон други во регионот, мислам дека ќе бидеме компетитивен играч и ќе направиме место од овој регион… Јас уште сум несвесна што се случува, мислам дека е ова навистина почеток на едно ново време. Мислам дека ја научивме лекцијата, мора да се однесуваме на поинаков начин – пристоен начин, европски начин, но да не се срамиме од Балканот. Има во нас многу можности, многу неискористено знарење и способности, во сите области. Да покажеме дека отсекогаш сме биле Европа и треба да станеме и дел од ЕУ – рече таа.