Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски ги оцени за безбедни денешните избори за претседател на државата. Тој рече дека тоа е резултат на „добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои беа вклучени во спроведувањето на изборниот процес“.

– Изборен ден помина во безбедна, мирна и демократска атмосфера, онака како што ѝ доликува на една земја која се стреми да биде дел од современиот демократски свет. Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество – истакна Тошковски.

Сепак, во текот на изборниот ден МВР нотираше неколку изборни прекршувања, како што се: фотографирање на гласачко ливче, пријави за агитирање на гласачко место и други незначителни нерегуларности, но, како што рече Тошковски, не се евидентирани посериозни инциденти насочени кон нарушување на регуларноста на изборниот процес.

– На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка, подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право – истакна министерот Тошковски.

Од СВР – Охрид соопштија дека во Охрид е уапсен избирач кој го сликал гласачкото ливче со телефон, а во Радовиш е забележано уште едно прекршување на тајноста на изборите, кога гласач го покажал ливчето на набљудувач на политичка партија на избирачкото место.

На подрачјето на СВР Скопје, во врска со пријава за испукана димна бомба, Тошковски информира дека од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка и подигната е направата.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, информираше дека на подрачје на СВР Куманово регистрирани се два настани и тоа пријава за организирано носење на гласање на стари лица и поставен штаб во близина на гласачко место.

– За време на предизборниот молк, во периодот од 6 до 7 часот, регистрирани се три настани на подрачје на СВР Скопје за испишани графити – информираше Бојмацалиев.