За претседател на државата гласале 48,46 проценти од гласачите или 7 отсто повеќе од изборите во 2019 година!

504

За избор на седмиот претседател на државата, според податоците на ДИК до затворањето на гласачките места, во 19 часот гласале 48,46 проценти од вкупно 1.814.317 запишани избирачи, или околу 800 илјади. Тоа е за 7 отсто повеќе отколку на претходните избори во 2019 година

 

Нешто помалку од половината од гласачите запишани во избирачкиот список го дадоа својот глас во првиот круг претседателски избори што се одржа вчера. За избор на седмиот претседател на државата, според податоците на ДИК, до затворањето на гласачките места, во 19 часот, гласале 48,46 проценти од вкупно 1.814.317 запишаните избирачи, или околу 800 илјади. Тоа е за 7 отсто повеќе отколку на претходните избори во 2019 година.

-Најголема излезност е забележана во општината Новаци – 71,07 проценти, а најмала во Ценатар Жупа – 16,90 проценти, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Од ДИК информираа дека гласањето е продолжено во по едно место во Демир Хисар, Липково, Могила и во Делчево. На три места во Куманово гласањето е прекинато и тие се затворени. Како што објасни Даштевски, доколку резултатите од овие избирачки места имаат влијание на крајниот резултат, ќе има прегласување.

Тој информира дека вчерашниот изборен ден поминал мирно, без поголеми инциденти. До ДИК стигнале 134 приговори, кои биле уважени и на граѓаните им било овозможено правото на глас. Исто така, на бесплатната телефонска линија имало 10 јавувања, а преку видеоповик имало осум јавувања од лица со оштетен вид.

Инаку, како и обично, најмала беше излезноста во првите часови по отворањето на глсачките места. По 3,85 проценти излезени гласачи до 9 часот утрината веќе во првите попладневни часови, во 13 часот излезноста изразена во проценти стана двоцифрена, или ливчето во избирачка кутија го ставиле една четвртина од лицата со право на глас. Во 17 часот, кога гласале 44,198 проценти од избирачите, надмината е излезноста од првиот круг на претходните претседателски избори.

Мапата на веб-страницата на ДИК покажува дека поголема излезност имало во Крива Паланка, над 63,35%, потоа во Вевчани и Демир Капија 63%, во Дојран и Неготино близу 63%, во Пробиштип, над 62%, во Гевгелија, над 61%. Поголема излезност има и во неколку скопски општини. На пример во Центар гласале 59,55 од гласачите, во Карпош 62 проценти, во Кисела Вода и Аеродром близу 60%. Но затоа, во Арачиново и Боговиње гласот го дале помалку од една третина од гласачите, во Желино 28%, во Гостивар 35 проценти…

Овој круг на претседателски избори е со една од најмалите излезности од сите претседателски избори досега. Помала излезност во прв круг на гласање имало само на претходните избори, во 2019 година. Тогаш својот глас за претседател на државата во прв круг го дадоа 41,67 проценти од лицата со право на глас.

Најголема излезност од високи 77,4 проценти е регистрирана на првите избори за претседател во тогаш осамостоената држава, во 1994 година, кога уште во прв круг за претседател на државата беше избран Киро Глигоров. Веќе на следните избори, во 1999 година имаше два круга на гласање, а во првиот гласаа 65,1 проценти од запишаните избирачи. На наредните избори во 2004 година излезноста во првиот круг драстично опаѓа и тогаш изнесува 55,2 процента. На следните претседателски избори, во 2009 година во првиот круг гласаат нешто повеќе, односно 58 проценти, а од 2014 година излезноста паѓа под 50 проценти – во 2014 е 48,86 проценти, а во 2019 – 41,67 проценти.