Холанѓани пљачкале банкомати во станбени згради, кревајќи ги во воздух со експлозив

62

Холандската и германската полиција лани уапсиле 137 Холанѓани, под обвинение дека активирале експлозив за да кренат во воздух банкомати. Повеќето од таквите пљачки се случиле лани во Германија, па во Бамберг наскоро ќе има големо судење на 16 осомничени за кражба на околу седум милиони евра во 90 напади.

Во Германија групата минирала банкомати 367 пати, додека во Холандија имало осум такви пљачки.

Насилната криминална група составена од холандски државјани, кревајќи ги во воздух банкоматите во Долна Саксонија и во други германски покраини, предизвикувала голема штета и ги загрозувала граѓаните. Вкупно, криминалците направиле материјална штета од најмалку 3,5 милиони евра.

Осомничените користеле моќни експлозиви за да кренат во воздух банкомати, често лоцирани во станбени згради, а потоа бегале со автомобил, возејќи несовесно и со голема брзина. При извршувањето на кривичното дело, групата немала обѕири за здравјето и безбедноста на лицата кои живееле во зградата каде што бил поставен банкоматот.

Според НЛ Тајмс, тие прво ги одредувале банкоматите и маршрутата за бегство. На одреденото место стигнувале ноќе со возила кои биле украдени или имале украдени таблички. Потоа ставале експлозив на банкоматот и го активирале иако тоа можело да предизвика пожар или структурно оштетување на зградата. Откако ќе ги собереле парите од уништениот банкомат, тие со голема брзина бегале од местото за да ја избегнат полицијата, не внимавајќи на безбедноста на другите на патот.

Ваквите пљачки не запирале и покрај тоа што некои од криминалците при пробите или вистинските грабежи биле повредени.

За време на претресите што полицијата ги вршела минатата недела, запленети се  готовина и луксузна стока, како и алат и експлозиви.

Според НЛ Тајмс, ограбувањето банкомати со помош на експлозив во Холандија прво било почесто, но подоцна проретчило зашто банките преземале мерки со кои го оневозможиле пристапот до голем број банкомати во текот на доцните вечерни и ноќни часови.

Портпаролот на полицијата рече дека е можно холандската група освен во Германија и во Холандија да пљачкала банкомати со помош на експлозив и во други земји.

Најмногу такви напади, вкупно 442,  имало во Германија во 2022 година. Од почетокот на годинава, пак, имало 56 такви пљачки на банкомати, што е помалку отколку во истиот период лани.

До намалување на бројот дошло поради тоа што полицијата и обвинителите во Холандија и Германија воспоставиле поблиска соработка, соопшти холандската полиција. На овие безочни криминалци им се застанало на патот благодарение на тоа што Германија, Холандија и Европол создале заедничка оперативна група. Освен организирање и финансирање на неколку оперативни состаноци, Европол обезбедил проверки на бази на податоци, аналитичка поддршка и ја олеснил размената на информации во истрагата. На денот на акцијата, персоналот на Европол бил распореден на самото место за да обезбеди аналитичка поддршка во реално време.