Кампањата на Бајден продолжува да го користи TikTok и покрај заканите на неговата владата дека ќе го забрани

Претседателската кампања на Џо Бајден ќе продолжи да користи TikTok, изјави во средата официјален претставник на кампањата, набргу откако американскиот претседател го потпиша законот со кој ќе се забрани апликацијата, освен доколку нејзиниот кинески сопственик не ја продаде.

Одлуката доаѓа во време кога многу млади и левоориентирани гласачи, значителен дел од базата на корисници на TikTok, не се задоволни од начинот на кој Бајден се справува со војната во Појасот Газа, што ги ескалира протестите на универзитетите низ целата земја.

„Фагментарното медиумско опкружување бара од нас да се појавиме и да допреме до гласачите таму каде што се, вклучително и онлајн. TikTok е едно од многуте места каде што сакаме да ја пренесеме нашата содржина до гласачите“, изјавил за Reuters претставник на кампањата на Бајден, кој сакаше да остане анонимен.

Кампањата ќе користи „напредни безбедносни мерки“ во текот на користењето на апликацијата, рекол официјалниот претставник. Владата не е работодавач на персоналот во кампањата на Бајден и тие не се занимаваат со прашања од националната безбедност, па им е дозволено да ја имаат апликацијата на своите телефони, рекоа претходно претставници на кампањата.

Профилот TikTok на кампањата на Бајден, @bidenhq, објави речиси 120 видеа и има повеќе од 306.000 следбеници. Бајден редовно објавува видеа на платформата, иако Белата куќа вели дека TikTok покренува „легитимна загриженост за националната безбедност“.

TikTok планира да поднесе жалба на законот, а извршниот директор на компанијата во средата рече дека очекува да ја добие правната битка за блокирање на законот.

Четиригодишната битка за TikTok е големо бојно поле за интернет и технологија меѓу Вашингтон и Пекинг. Новиот закон и дава на „ByteDance“, матичната компанија на TikTok, девет месеци да ја продаде апликацијата или ќе биде забранета во САД.