Адеми: Очекуваме голема победа за Бујар Османи, волјата на граѓаните е запишана!
Арбер Адеми, шеф на изборниот штаб на ДУИ и Европскиот фронт, на прес-конференција по затворањето на гласачките места истакна дека очекувањата се нивниот кандидат за претседател Бујар Османи да оствари голема победа.
– Народот го кажа своето. Им честитаме на сите граѓани што имавме мирен изборен ден во кој граѓаните слободно во голем број ја искажаа својата политичка волја. И не само на денот на изборите, туку во целиот процес имавме фер избори во демократски дух и компетитивна атмосфера. Ова е наш заеднички успех. Сакаме да им честитаме на сите останати учесници што покажавме демократска зрелост како што ѝ доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со Европската Унија. Сакаме да им се заблагодариме на граѓаните кои гласаа за нашиот кандидат доктор Бујар Османи. Со тоа го доверија својот глас и за Европскиот фронт. Сакаме да знаете дека вашата волја е запишана и таа ќе биде дел од идните политики на Република Северна Македонија. Тоа е важно и тоа е суштината на демократијата, да одлучуваат граѓаните за себе и својата иднина и нивната волја да се почитува. Наша задача е да ја преточиме таа волја во акција, рече Адеми.