Словенија го повика српскиот амбасадор во Љубљана за изјавите на Вучиќ, во меѓувреме тој се извини

Александар Вучиќ / Фото EPA-EFE/SARAH MEYSSONNIER /

Министерство за надворешни работи  на Словенија го повика на разговор в.д. амбасадорот на Србија во Љубљана поради изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ против Словенија по седницата на Советот за безбедност на ОН за Косово.

Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон изјавите на Вучиќ ги оцени како навредливи и неприфатливи.

„Бараме објаснување, извинување, тоа не е во духот на добрососедските или пријателските односи … Очекуваме Србија да дејствува во духот на европските вредности што ги брани, наведе Фајон“, додавајќи дека изјавите на Вучиќ се невистинити.

Вучиќ вчера изјави дека Србија паднала во замка што и ја поставиле САД, Швајцарија и Словенија.

„Кога се одложи седницата на СБ, се прашував за што се работи, но потоа сфативме дека се договориле со Американците, Словенците и Швајцарците. Не се знае кој е поодвратен, Словенците или некој друг“, истакна вчера Вучиќ.

Во меѓувреме, претседателот на Србија Александар Вучиќ им се извини на Словенците.

„Ако повредив некого во Словенија, се извинувам, но нема да им се извинувам на словенечките политичари“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ од Њујорк.

„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека е поврзана со поединецот и поврзана со нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас човечки кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.

Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.

„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и оценета како нешто страшно, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.

„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам (премиерот на Словенија) Роберт Голоб и претседателот Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Секако дека треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам во очи што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот