Американскиот Сенат го усвои законот, документот оди на потпис кај Бајден: Одобрена помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван

14

Американскиот Сенат синоќа со убедливо мнозинство го усвои законот за помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, по неколкумесечно одложување и жестоки дебати за тоа колку САД треба да бидат вклучени во странски војни. Документот сега оди кај претседателот Џо Бајден за негов потпис.

Сенатот гласаше со 79 спрема 18 за да ги одобри четирите нацрт-закони усвоени од Претставничкиот дом во саботата, откако републиканските лидери ненадејно го сменија курсот минатата недела и дозволија гласање за 95 милијарди долари главно воена помош за Украина, Израел и Тајван и за американските партнери во Индо – Пацификот.

Бајден, кој соработуваше со конгресните лидери за да добие поддршка, во изјава веднаш по усвојувањето на законот рече дека ќе го потпише во среда и ќе започне со процесот на испраќање оружје во Украина, во време кога руските инвазивни сили напредуваат и Киев останува без воени резерви.

„Вечерва, двопартиското мнозинство во Сенатот му се придружи на Долниот дом на Конгресот за да одговори на повикот на историјата во овој критичен момент“, рече вчера Бајден.

Од 95 милијарди долари, најголемиот дел од 61 милијарда долари одат за Украина, потоа 26 милијарди долари воена помош за Израел и хуманитарна помош за граѓаните на Газа и 8,12 милијарди долари за спротивставување на кинеските закани во Тајван и Индо-Пацификот.

Американските власти соопштија дека една милијарда помош може веднаш да биде испратена во Украина, додека остатокот ќе следи во наредните недели.