ВИДЕО: „Слободен печат“ во обиколка на гласањето во Полошко: Најважно е сѐ да помине мирно, велат граѓаните
Во мирна и демократска атмосфера се одвива изборниот ден во Полошко за првиот круг од претседателските избори.
„Слободен печат“ беше на терен од Општина Желино. Граѓаните очекуваат мирни избори, од избирачките одбори пак се надеваат на поголема излезност после 17 часот.
Во општина Тетово каде има најголем број на гласачи од целиот Полошки Регион имаше и граѓани кои традиционално своето прво на глас го остварија уште во утринските часови. Еден од нив е и 87-годишниот Жарко Сарџоски од Тетово. Вели дека досега не пропуштил ниту едно гласање.
– Тоа е моја должност, а на денот на изборите и најголема граѓанска должност, затоа и гласам наутро, додава тој.
– Јас мислам дека ќе имаме мирен ден, нема да има проблеми. Како моја должност и граѓанин си ги извршив своите обврски, сега во години сум, но заинтересиран сум за гласање секоја година, очекувам успешни избори. Сега сите очекуваат победа, но среќата ќе видиме на кого ќе му се падне, изјави Сарџоски.
И останатите граѓани очекуваат мирен ден.
– Очекувам мирен ден без проблеми, секој нека гласа по сопствено убедување, вели една жителка на Тетово.
– Јас се надевам дека ќе имаме мирна атмосвера и луѓето ќе гласаат по сопствено убедување и се надевам дека ќе имаме излезност, додаде жител на Тетово.
Од Општинската изборна комисија Тетово велат дека гласањето тече нормално. Во Општина Тетово право на глас имаат 86.309 граѓани.
– Во општина Тетово се гласа во 117 избирачки места. Процесот се одвива како што треба, нема пријавено проблеми. Се јавуваат технички проблеми со уредите, но интервенираме веднаш со луѓето од ИТ, информираше Назми Даути од ОИК Тетово.
Гласањето во првиот круг од Претседателските избори 2024 во општина Гостивар исто така започна навреме и поминува без инциденти, информираат од ОИК Гостивар.
– Мали проблеми се појавија на неколку избирачки места со биометриските уреди, но тие брзо се надминати, информираа од ОИК.
Право на глас во Општина Гостивар имаат 81.517 граѓани кои гласаат на 121 избирачко место.
Во шесте општини од Тетовскиот Регион на Претседателските избори можност за гласање имаат 188.329 граѓани, а своето избирачко право ќе може да го остварат во вкупно 265 избирачки места.