Зелките седат на ниви или во камиони, ни по 8 денари нема кој да ги купи

Од Министерството за земјоделство смируваат дека ќе има мерка за поддршка на производителите на млада зелка

Социјалните мрежи вријат од поплаките на земјоделците околу пласманот на пролетната зелка. Тие споделуваат како зелката стасана за барење седи на нивите, затоа што нема што да ѝ прават, покрај парите и трудот што ги вложиле. Земјоделците особено се загрижени од посилните дождови, кои се добредојдени за културите што се во екот на растот, но не се благодарни за веќе стасаните производи за берба.

Во Скопје, на зелените пазари младата зелка може да се најде по 25 до 30 денари, а во маркетите за над 30 денари, па и 38 денари. Сепак, пазарите не може да го апсорбираат целото производство.

Ристо Велков, претседател на Агросојуз од Струмица, вели дека веќе два дена неговата зелка стои натоварена во камини, но дека купувачи нема ниту за 8 денари по килограм.

– Ние вообичаено работиме за да ги богатиме трговците. Разликата меѓу нашата цена и онаа во трговијата секогаш е неоправдано голема – вели Велков и забележува дека нема извоз на зелката.

Од Министерството за земјоделство велат дека високите пролетни температури, во еден дел, направија нарушување на пазарот и пласманот на пролетната зелка, што резултираше со негативно движење на пазарните цени, предизвикувајќи загуби на земјоделците.

„Ги известуваме земјоделците дека нема да дозволиме да прават загуби во нивното производство и дека веќе се подготвува нова мерка, која веднаш по изборните процеси и официјално ќе влезе во владина постапка, а која на производителите на пролетна зелка ќе им даде поддршка за периодот на откуп кога цената на зелката е пониска од производната“, соопштија вчера од Министерството за земјоделство.

Површините под зелка и пиперки се зголемиле за 10 до 20 проценти, во однос на минатата година оценуваат земјоделците.

– Кај краставиците и доматите има многу работа, додека кај зелките и пиперките нема. Особено сега со системите капка по капка нивното производство е многу олеснето. Затоа, површините под зелка и пиперки се зголемуваат, а под краставици и домати се намалуваат – вели Велков.

Зелката стана наш извозен земјоделски бренд со речиси 30 милиони евра девизен прилив. Но, и во 2022 година исто така имаше остри реакции на земјоделците околу цените по кои се продаваше. Тогаш, преку интервентната програма на земјоделците им се исплатија по 3 денари по килограм, со што беа исплатени 678.000 евра на 1.630 корисници.

Од другиот сезонски зеленчук, краставиците се продаваат по 35 денари за килограм на големо, а земјоделците се жалат дека од други земји се увезува краставица со двојно пониска цена.

Доматите се сè уште од оранжерии за што треба високи трошоци за загревање, па и цената е околу 100, или 120 денари за еден килограм од струмичките оранжерии. На пазарот на големо во Струмица лутите пиперки се од 70 до 80 денари за еден килограм, а благите од 100 до 120 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот