ВИДЕО | Боби Бојчевски: Брзата помош е рак-рана на Скопје, според стандардите на СЗО треба да има еден тим на 30 илјади жители

Боби Бојчевски/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Трендот на напуштање на јавното здравство од страна на лекарите и другиот медицински персонал ќе доведе до тоа да се стави клуч на врата на државните клиники и ќе нема за обична настинка кој да препише терапија во примарното здравство, доколку итно не се ресетира јавното здравство, ако не се направи здрава национална стратегија и веднаш не почнат да се вработуваат нови кадри со соодветни специјалности наместо да се бркаат специјализантите од државата, изјави за Слободен печат Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравствени работници.

Едно луксузно возило чини колку две специјализации. Еден економски директор чини колку две медицински сестри за една година. Итно е потребно да се задржат младите специјализанти во државата, специјализациите да им се дадат на младите кои имаат афинитети, на матичните лекари да им се дадат ординации во јавните здравствени установи. Ако се мисли за народот и за оваа држава, итно се потребни реформи, во спротивно напоменав дека до крајот на годината ќе има колапс во здравствениот сектор, изјави тој.

Тој истакна дека јавното здравство е амортизер на социјалата и Македонија не е богата држава со богати граѓани за секој да може да си дозволи преглед во приватното здравство. Затоа, според Бојчевски треба да се јакне државното здравство.

Слушнав фрапантна бројка дека 70 проценти од дипломираните доктори учат германски јазик, што значи дека се подготвуваат за надвор од државата, бидејќи тука не гледаат иднина туку сивило, рече Бојчевски.

На прашањето како функционира итната медицинска помош во Скопје и во градовите од внатрешноста, тој рече дека итната медицинска помош е рак рана на градот Скопје бидејќи има премалку тимови споредено со европските стандарди.

Во Скопје итната медицинска помош е рак рана за населението во градот и не дај Боже да повикате Итна медицинска помош. Не е тоа така, поради луѓето, затоа што луѓето што работат таму заслужуваат и специјалистички плати. Тие се професионалци. Но, според Светската здравствена организација, на 30 илјади жители потребно е да има еден тим. А ние знаеме дека Скопје има 600 илјади жители со пет тимови на итната медицинска помош, можеби некој тим повеќе. Ако викнете Итна медицинска помош од Карпош а треба да отиде во Драчево, колку време во оваа гужва и сообраќаен хаос ќе биде потребно? Единствена визија за итната медицинска помош е да престане да функционира со уредувања од 20 век. Вработените треба да бидат на истото ниво како пожарникарите и полицајците. Итната медицинска помош под итно треба да стане самостојна јавна здравствена установа со свој менаџерски тим, рече Бојчевски.

Еден од неговите предлози е осамостојувањето да биде под капата на град Скопје, а постои и опција да биде самостојна буџетска организација под Фондот за здравство и под Министерството за здравство.

Порано имаше тренд да се отвораат повеќе пунктови, бидејќи не може со три пункта да се покрие цел град. Имаше пункт во поликлиника Ченто, како и во Катланово. Тој пункт во Катланово беше отворен за тешки сообраќајки за да може итната помош да пристигне прва кај повредените. Пункт треба да има и во поликлиника Драчево, каде нема возила и нема вработени. Пункт треба и во поликлиника Ѓорче Петров, Чучер Сандево, Сарај. Потребно е разместување на сите пунктови на целата територија на Скопје. Додека не се направат тие пунктови и додека итната медицинска помош не стане самостојна јавна здравствена организација со свој буџет, ние ќе ги имаме овие проблеми, рече Бојчевски.

Тој зборуваше дека младите доктори специјализанти кои протестираат пред Министерството за здравство, односно истакна дека тие може да бидат иднината на Македонија и да има кој да ги лекува пациентите.

Ние едноставно репродуцираме кадар за западноевропските земји. Државата вложува во нив, во нивното усовршување, учење, специјализации и како готов производ ги пуштаме во западноевропските земји, каде убаво ги прифаќаат, им даваат специјализации, самите клиники им даваат таму специјализации. Ние имаме многу млади доктори заминати во Германија каде после нивната специјализација стануваат началници, дури и менаџери на некои здравствени објекти, рече националниот координатор на Синдикатот.

Бојчевски упати критики за тоа што во внатрешноста на државата има недостиг на многу специјалисти.

На пример во Гевгелија нема гинеколог. ЦТГ на жената што треба да се породи прави сестра акушерка. И има договор родилките од Гевгелија да се породуваат во Струмица или во Чаир. Дали е тоа можно во оваа држава? Во Битола ќе отвараме факултет а голем број специјалистички гранки во Битола не функционираат. Нема уролог, невролог, физијатрија. Како ќе работи таа болница? Голем дел на луѓето од Битола кога имаат проблем со абдомен за ехо одат во Лерин да се прегледуваат. Ми падна чудно што дури и не им наплаќаат на Битолчани кога одат во Лерин да се прегледуваат со зборовите ,,ние сме наши луѓе, не треба ништо да платите за преглед”. Во Крива Паланка има субспецијалист гастроентерохепатолог ама не му го купиле апаратот, па работи како интернист во тој објект. Инаку од Злетово, Пробиштип и Крива Паланка за магнет одат во Врање во Србија бидејќи било двојно поевтино отколку во Македонија, рече Бојчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот