Фото: „Нова Македонија“

Седми претседателски избори од независноста на државата

Седмите претседателски избори од независноста на Македонија, на кои право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи, кои ќе можат да гласаат на вкупно 3480 избирачки места во целата земја, се одржуваат денеска.

Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, 95.116 избирачи се на привремена работа или престој во странство, а 2.147 се на издржување казна затвор или се во притвор.

Во посебниот извод од избирачкиот список за лица што поднеле пријава за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се евидентирани 2.569 избирачи, како и 191 член и заменик-член на избирачките одбори, кои ќе спроведат гласање во ДКП.

Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од избирачкиот список за лица што за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување, како и двајца избирачи со статус на внатрешно раселени лица, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика.

Вчера гласаа избирачите запишани во посебниот извод од избирачкиот список, односно дијаспората, затворениците, лицата во старските домови, болните и изнемоштени и внатрешно раселените лица. Гласањето за претседател започна во саботата, први гласаа членовите на избирачките одбори, кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората.

Инаку, заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија е намален за околу 10.000 избирачи со право на глас во однос на последните избори што се одржаа во 2021 година.

На денешните претседателски избори десетици илјади млади луѓе со навршени 18 години за првпат ќе се упатат кон избирачките места. Доколку живеат на иста адреса со своите родители, тогаш и тие ќе гласаат на истото избирачко место. Ако не живеат на иста адреса со родителите или во периодот меѓу два изборни циклуси ја смениле адресата на живеење, тогаш проверка за тоа каде се наоѓа нивното избирачко место на кое ќе можат да го остварат своето гласачко место можат да направат на веб-страницата „избирачки список“ и со внесување на нивниот единствен матичен број за неколку секунди ќе добијат информација каде се наоѓа нивното избирачко место (најчесто тоа е основно или средно училиште).

Дополнително, од ЈСП „Скопје“ информираат дека за време на денешниот изборен ден нивните автобуси ќе сообраќаат во согласност со неделниот возен ред, така што граѓаните што имаат потреба од јавен превоз треба да го имаат ова предвид.

Избирачките места се отворени 12 часа, од 7 часот наутро, па сѐ до 19 часот без време за паузи (освен во непредвидени ситуации).

Над 900 набљудувачи, странски новинари и преведувачи ќе ги следат претседателските избори во Македонија, чиј прв круг се одржува денеска, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните. Заклучно со 19 април, за следење на изборите се акредитирале вкупно 942 набљудувачи и преведувачи, од кои 342 домашни и 568 странски.

Најмногубројни се набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР – вкупно 375. Шефицата на набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк, неодамна на прес-конференција во Скопје кажа дека во согласност со препораките на Мисијата, претстојните избори во земјава ќе ги следат зголемен број набљудувачи поради паралелното одржување на двата изборни циклуса.

Изборите во земјава ќе ги следи и делегација од 14 набљудувачи од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од швајцарскиот пратеник Алфред Хер.

– Ова се седми претседателски избори во државата, а досега функцијата претседател на Република Македонија ја вршеа пет претседатели.

Претседателската функција во два мандата ја вршеа првиот претседател Киро Глигоров и поранешниот Ѓорге Иванов, додека по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и Стево Пендаровски, кој повторно се кандидира за шеф на државата.

Првиот мандат на претседателот Киро Глигоров беше даден врз основа на избор од страна на Собранието на Република Македонија, во согласност со тогашните уставни решенија, а неговите наследници беа избирани на непосредни избори.

– Првите претседателски избори во Република Македонија, по осамостојувањето на Македонија, се одржани на 16 октомври 1994 година, истовремено со парламентарните избори. На изборите учествуваа двајца кандидати, а победи во првиот круг Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, односно 78,4 проценти, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. Неговиот противкандидат Љубиша Георгиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ освои 197.109 гласа, односно 21,6 проценти.

– Вторите претседателски избори во независна Република Македонија се одржаа во 1999 година. Дотогашниот претседател Киро Глигоров не се кандидираше на овие избори, а победи Борис Трајковски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот круг учествуваа кандидатите – Муарем Неџипи, Васил Тупурковски, Мухамед Халили, Тито Петковски, Стојан Андов и Борис Трајковски. Во вториот круг победи Борис Трајковски со 582.808 гласа, а Тито Петковски освои 513.614 гласа, или 52,40 проценти наспроти 46,18 проценти.

– Третите претседателски избори во 2004 година се одржаа предвреме поради смртта на претседателот Борис Трајковски. Првиот круг се одржа на 14 април 2004 година, а вториот на 28 април 2004 година. На изборите учествуваа четворица кандидати – Бранко Црвенковски поддржан од СДСМ, Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ, Гзим Острени од ДУИ, Зуди Џелили од ДПА. На овие избори победи Бранко Црвенковски со освоени 550.317 гласа или 62,6 отсто, наспроти Сашко Кедев со 329.179 гласа или 37,4 проценти.

– Четвртите претседателски избори се одржаа на 22 март и на 5 април 2009, во исто време со локалните избори. На изборите учествува седум кандидати – Ѓорѓе Иванов поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Љубомир Фрчкоски од СДСМ, Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП и Мируше Хоџа од ДПА. На овие претседателски избори победи Ѓорге Иванов со 453.616 гласа или 63,14 проценти.

– Петтите претседателски избори беа редовни, а се одржаа на 13 април и 27 април 2014 година. Истовремено со вториот круг на претседателските избори беа одржани и предвремени парламентарни избори. Вториот круг беше на 27 април 2014 година. Во него се пласираа кандидатите Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски. На овие петти претседателски избори победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, со освоени 534.910 гласа, наспроти кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, со 398.077 гласа. На овие претседателски избори, освен Пендаровски и Иванов, учествуваа и Зоран Попоски поддржан од ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА.

– Шестите претседателски избори се одржаа на 21 април и 5 мај 2019 година, а победи Стево Пендаровски со освоени 435.656 гласа или 53,59 проценти. Ова беа првите избори по стапување во сила на Преспанскиот договор со кој беше решен спорот за името со Грција и земјата го доби името Република Северна Македонија. На овие претседателски избори, покрај Стево Пендаровски, учествуваа и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и Блерим Река поддржан од Алијансата за Албанците и Движењето БЕСА. С.Т.