Новите правила на ЕУ го гарантираат правото на поправка на апаратите за домаќинство

Европскиот парламент усвои во вторникот нови правила кои на европските потрошувачи им обезбедуваат право на поправка на производите за домаќинството и други производи.

На пленарната седница во Стразбур, европратениците ја усвоија директивата за т.н „правото на поправка“ на потрошувачите со 584 гласа за, 3 против и 14 воздржани, објави Европскиот парламент. Правилата ги појаснуваат обврските на производителите за поправка на уредите и ги охрабруваат потрошувачите да го продолжат животниот циклус на производите преку поправка, а имаат цел да го намалат отпадот и да го зајакнат секторот за поправки со тоа што ќе ја направат полесна и поекономична поправката на стоката.

Новите правила гарантираат дека производителите обезбедуваат навремени и економични услуги за поправка и ги информираат потрошувачите за нивните права на поправка. Стоките што се поправаат под гаранција ќе имаат корист од дополнителното едногодишно продолжување на законската гаранција, дополнително охрабрувајќи ги потрошувачите да изберат поправка наместо замена.

По истекот на законската гаранција, производителот сè уште е обврзан да ги поправа вообичаените производи за домаќинството, кои технички може да се поправаат според законите на ЕУ, како што се машини за перење, правосмукалки, па дури и паметни телефони. Списокот на категории на производи може да се прошири со текот на времето. Потрошувачите, исто така, можат да позајмат уред додека нивниот се поправа или, ако не може да се поправи, да се одлучат за реновирана единица како алтернатива, се вели во соопштението на ЕП.

Европски информативен формулар може да им се понуди на потрошувачите за да им помогне да ги проценат и споредат услугите за поправка (со детали за природата на дефектот, трошоците и времетраењето на поправката). За да се олесни процесот на поправка, ќе се постави европска онлајн платформа со национални секции за да им се помогне на потрошувачите полесно да најдат локални продавници за поправка, продавачи на преработени стоки, купувачи на неисправни предмети или иницијативи за поправка предводени од заедницата, како што се кафулињата за поправка.

Правилата имаат цел да го зајакнат пазарот за поправки во ЕУ и да ги намалат трошоците за поправка за потрошувачите. Од производителите ќе се бара да обезбедат резервни делови и алатки по разумна цена и ќе им биде забрането да користат договорни клаузули, хардверски или софтверски техники кои ги попречуваат поправките. Особено, тие не можат да ја спречат употребата на искористени или 3D печатени резервни делови од независни сервисери, ниту пак можат да одбијат да поправат производ исклучиво од економски причини или затоа што претходно бил поправен од некој друг.

За да ги направи поправките попристапни, секоја земја-членка ќе мора да спроведе барем една мерка за промовирање на поправки, како што се ваучери и средства за поправка, водење информативни кампањи, нудење курсеви за поправка или поддршка на простори за поправка предводени од заедницата, објави Европскиот парламент.

Откако Советот официјално ќе ја одобри директивата и ќе ја објави во Службениот весник на ЕУ, земјите-членки ќе имаат рок од 24 месеци да ја транспонираат во националното законодавство.

Според Европската комисија, предвременото депонирање на стоки за широка потрошувачка произведува 261 милион тони CO2 еквивалентни емисии, троши 30 милиони тони ресурси и генерира 35 милиони тони отпад во ЕУ секоја година. Потрошувачите исто така губат околу 12 милијарди евра годишно со замена на стоки наместо да ги поправаат. Покрај тоа, новите правила се очекува да донесат 4,8 милијарди евра раст и инвестиции во ЕУ. Директивата ги надополнува другите нови практики