СЕРИОЗНА ВЛАДИНА КОРУПЦИЈА И ПОЛИТИЧКИ УНАПРЕДУВАЊА ВО СУДСТВОТО И ОБВИНИТЕЛСТВОТО, ЗАБЕЛЕЖА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ВО ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МАКЕДОНИЈА

    СЕРИОЗНА ВЛАДИНА КОРУПЦИЈА И ПОЛИТИЧКИ УНАПРЕДУВАЊА ВО СУДСТВОТО И ОБВИНИТЕЛСТВОТО, ЗАБЕЛЕЖА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ВО ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МАКЕДОНИЈАВо извештајот е нотирано и дека  Кривичниот суд во Скопје го осуди поранешниот генералниот секретар на Владата Драги Рашковски на осум години. - Од изрекување на пресудата (Фото: МИА)

    Сериозна владина корупција е еден од значајните проблеми со кои се соочува Северна Македонија, се вели во извештајот на американскиот Стејт Департмент за состојбата со човекови права во земјата за 2023 година.

    „Нема значителни промени во ситуацијата со човековите права во Северна Македонија во текот на изминатата година“, почнува извештајот, но, понатаму се вели:

    „Има кредибилни извештаи за сериозни нарушувања на слободата на изразување и на медиумската слобода, вклучувајќи насилство и закани со насилство врз новинари, сериозна владина корупција како и закани со насилство кон ЛГБТ лицата“.

    Стејт Департментот вели дека владата презела ограничени чекори да ги идентификува и казни функционерите кои можеби направиле прекршувања на човековите права.

    Во делот од извештајот за владина корупција, се вели дека законите овозможуваат кривични казни за корупција на функционери, но владата не го имплементира законот ефективно.

    „Има бројни кредибилни извештаи за владина корупција. Во септември, Владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги казните за кривичните дела поврзани со корупција“, велат од Стејт Департментот.

    Во делот на извештајот за правото на фер судење, Стејт Департментот наведува дека Уставот овозможува независно судство, но владата не секогаш ја почитува независноста и непристрасноста на судството.

    „Кредибилни извештаи за неказниви судски злоупотреби, неадекватно финансирање, отпор кон користење законски пропишана технологија и недостиг на персонал ѝ наштетуваат на ефективноста на судството и ја нарушуваат довербата на јавноста во владеењето на правото. Анкетите покажуваат дека јавноста не верува во судството. Унапредувања со политичко влијание, без заслуга и транспарентност се случуваа во судовите и во обвинителството.“, велат од Стејт Департментот.

    Во извештајот е нотирано и дека  Кривичниот суд во Скопје го осуди поранешниот генералниот секретар на Владата Драги Рашковски на осум години затвор за перење пари и злоупотреба на службената положба во врска со јавни набавки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира