На конференцијата присуствуваа повеќе од 200 наставници од Босна и Херцеговина, Република Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Ова беше одлична можност најдобрите наставници од регионот да се соберат, да ги разменат своите идеи и искуства, да ја претстават својата работа и училиште, како и земјата од која доаѓаат

Во Бања Лука неодамна се одржа Шестата регионална конференција „Светот на образованието ги брише границите“, наменета за наставниците од земјите на поранешна Југославија. На конференцијата присуствуваа повеќе од 200 наставници од Босна и Херцеговина, Република Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Ова беше одлична можност најдобрите наставници од регионот да се соберат, да ги разменат своите идеи и искуства, да ја претстават својата работа и училиште, како и земјата од која доаѓаат. Од повеќе од неколку стотици пријавени просветни работници, со титулата „Најдобар наставник на просторите на поранешна Југославија“ се стекнаа вкупно 28 наставници избрани според строги критериуми, од кои дванаесет се од нашата држава. Најважна цел на конференцијата е да поттикне регионално вмрежување на најдобрите едукатори, наставници, професори, стручни соработници и за првпат и директори од земјите на поранешна Југославија, со цел нивната работа и креативност да бидат видливи. Иновативната работа на овие наставници е двигател и иницијатор на формални образовни реформи на кои се повикуваат сите земји во регионот.

Инаку, Здружението на најдобрите наставници е мрежа формирана од висококвалитетни лидери од образованието, подготвени да ги соберат околу себе сите ентузијасти и лидери на наставници од сите земји од областа на Југоисточна Европа, подготвени да ги здружат силите за да афирмираат и мотивираат друго добро. Наставниците, всушност, сакаат да ја променат сликата за образованието во овој дел од светот.

Конференцијата „Светот на образованието ги брише границите“ што се одржа во тек на четири дена, од 4 до 7 април, беше отворена од страна на една од основачите на Асоцијацијата, Жељана Радојичиќ Лукиќ, авторка на наградите за најдобар учител и најдобар директор EX YU, како и од градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ. „Нашиот сјај го споивме на заедничкото образовно небо, а Асоцијацијата е професионално семејство на сите ентузијасти кои и покрај сѐ ги поместуваат границите и се вложуваат себеси за подобро образование во нивните земји. Оваа мрежа на наставници придонесува за мирот и стабилноста во овие области со своето дејствување, создавајќи среќни ученици, кои почитуваат, учат и не мразат“, им порача Радојичиќ на присутните испраќајќи значајна порака за важноста на професијата наставник.

Не помалку инспиративно зборуваше и Санивуковиќ, особено нагласувајќи дека секое дете мора да има барем еден наставник кој ќе му даде крилја, не занемарувајќи го фактот дека, за жал, постојат и друг тип на наставници, затоа е важно тие други наставници да се на ниво на статистички грешки.

Во рамки на конференцијата традиционално се организираше и Саемот за образование на кој учествуваа 36 училишта презентирани од наставници, а со тоа целиот регион имаше можност да добие увид во нивните училишни, локални, национални и меѓународни проекти. Беше организирана и посета на државните и приватните образовни институции во Бања Лука. На конференцијата беа прогласени „најдобрите наставници на просторите на поранешна Југославија“, а во шестата генерација од Македонија се избрани: Александра Митровска од ООУ „Петар Поп Арсов“ Скопје, Билјана Лазареска од ООУ „Вера Јоциќ“ Скопје, Дивна Карапанчева од ООУ „Вера Циривири – Трена“ Скопје, Јелена Мандиќ од ООУ „Вук Караџиќ“ Куманово, Ксенија Николова од ООУ „Гоце Делчев“ Босилово, Марија Богатиновска од ООУ „Никола Карев“ Пробиштип, Марина Станиславова од ООУ „Страшо Пинџур“ Неготино, Олгица Бајалџиева од ООУ „Петар Поп Арсов“, Скопје, Раде Илијевски, ООУ „Исмаил Ќемали“, Скопје, Валентина Клопчевска од ООУ „Владе Тасевски“ Скопје, Весна Бошковска од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ Скопје и Весна Недановска од ООУ „11 Октомври“ Скопје, Центар.

Инаку, на м-р Весна Недановска, одделенски наставник со 25 години работно искуство во центарско престижно училиште „11 Октомври“, ова и е петта награда за најдобар наставник. Претходно, Недановска ги има добиено наградите од Општина Центар за Најдобар наставник за учебните 2014/2015 и 2022/2023, наградата од Здружението на просветни работници за Просветен работник на годината на ниво на град Скопје во основно образование во учебната 2018/2019 година, како и признанието за Просветен работник на годината за учебната 2020/2021 година, во категорија основно образование, доделено од Сојузот на просветните работници на Македонија. Воедно, таа е автор и рецензент на неколку учебници, работни тетратки и прирачници, коавтор на eTwinning проекти, автор на научни трудови и учесник на меѓународни конференции, експерт за МИЕ,  Book Creator и Wakelet амбасадор за Македонија. Недановска посветено работи и континуирано вложува во своето усовршување. На своите ученици им овозможува да градат знаења на интересен и иновативен начин и ги подготвува за успешно соочување со животните предизвици.

Конференцијата заврши со доделување на сертификати на учесниците на конференцијата. Ова беше уште една можност најдобрите наставници од регионот да се соберат, да ги разменат своите идеи и искуства, да ја претстават својата работа и училиште, како и земјата од која доаѓаат. Како и во претходните пет, конференцијата беше отворена и затворена со звуците на песната „Земјо моја“ од Исмета Дервоз-Крвавац, а оваа песна е и официјална химна на ANNEX_YU.