Газдите не им даваат дополнителна плата на работниците, туку само слободни денови

Газдите не им ги плаќаат на работниците дополнителните часови, туку им даваат слободни денови. Според Законот за работни односи, работникот има право да работи дополнителни 10 часа неделно, односно 190 часа годишно, кои треба да му се платат дополнително. Сепак, кај нас, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР, мал е бројот на газди што им ги плаќаат на работниците овие дополнителни работни часови. Обично им даваат слободни денови во текот на неделата или поголем годишен одмор. Освен зголемување на бројот на дополнителни работни часови, кои треба да бидат соодветно платени, од Синдикатите бараат и на пензионерите да им се овозможи да работат, и тоа да биде регулирано со закон

2792

Газдите не им ги плаќаат на работниците дополнителните часови, туку им даваат слободни денови. Според Законот за работни односи, работникот има право да работи дополнителни 10 часа неделно, односно 190 часа годишно, кои треба да му се платат дополнително. Сепак, кај нас, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР, мал е бројот на газди што им ги плаќаат на работниците овие дополнителни работни часови. Обично им даваат слободни денови во текот на неделата или поголем годишен одмор. Освен зголемување на бројот на дополнителни работни часови, кои треба да бидат соодветно платени, од Синдикатите бараат и на пензионерите да им се овозможи да работат, и тоа да биде регулирано со закон.

– Во Законот за работни односи е дозволено да се работи дополнителна работа од 10 часа неделно, односно 190 часа годишно. Ако се пречекори вкупниот број прекувремени работни часови во текот на годината, работникот треба да добие плус една плата. Но, таа дополнителна плата, заедно со К-15 или регресот за годишен одмор, кој треба да го исплатат на крајот на годината, им доаѓа многу на газдите. Тие го злоупотребуваат тоа и не им ја даваат таа плата на работниците, туку им даваат слободни денови – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски, претседател на Синдикатор за текстил, кожа и чевли.

Во Законот стои дека работникот е должен, на барање од работодавецот, да врши дополнителна работа во случаи на: исклучително зголемување на обемот на работата; ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес; ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата; ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и на имотот, како и безбедност на прометот и во други случаи определени со закон или со колективен договор.

Дополнителната работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои, поради специфичниот процес на работа, не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Дополнителната работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.

На работникот што работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавец, во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавецот е должен да му исплати, покрај додатокот на плата, и бонус во висина од една просечна плата во државата. Работодавецот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремена работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот.

Поради ниските плати и зголемените трошоци за живот, кои месечно достигнуваат и до 1.000 евра, платите не им се доволни на работниците за да го истуркаат месецот. Поради тоа, а и поради константниот недостиг на работна сила во одредени дејности, последниве години сè поголем број работници работат дополнителна работа.

Економистите сметаат дека дополнителната работа или работата на повеќе работни места е нормална работа на Запад, а кај нас, Законот за работни односи ја ограничува таа дополнителна работа на најмногу 10 часа неделно. Тие сметаат дека тие 10 часа неделно треба да се зголемат за да има ефект од таа дополнителна работа. Исто така, треба да се дозволи пензионерите слободно да работат без да им се крати пензијата како што е во Западна Европа.

И од Синдикатот сметаат дека во оние дејности во кои нема работници, треба да им се дозволи на пензионерите да работат, но тоа да не биде на црно, туку да биде регулирано со закон.

– Сега имаме голем недостиг на работна сила и треба да се тргнат овие ограничувања од законите. Треба да им се дозволи работниците да работат дополнителна работа, а работата на пензионерите да биде регулирана со закон и да не им се крати од пензиите. Оние работодавци што не им дозволуваат на своите работници да работат повеќе работи, им ги намалуваат правата – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

И од ССМ сметаат дека треба да се зголемат часовите на дополнителна работа, но таа да биде соодветно платена. Бидејќи работниците што работат дополнителна работа работат за повеќе пари и ним не им требаат слободни денови.

(А.С.)