Училиштето во село Драчево ќе се смести во нов објект, изградбата ќе чини околу 1,6 милиони евра

Фото: Фејсбук на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска го потпиша договорот со најповолниот понудувач на распишаниот јавен повик за изградба на нов училишен објект за ООУ „Климент Охридски” во село Драчево. Со тоа се исполнети условите за почеток на градба на новото училиште кое ќе има капацитет за 570 ученици, а ќе се протега на 3592 квадратни метри. За две години, колку што предвидува договорот, основците од Драчево ќе добијат современ објект на два ката, кој во цeлост ќе одговара на потребите за квалитетен образовен процес.

Со големо задоволство денес го ставив потписот на документот кој значи реализација на уште едно големо ветување пред моите сограѓани, посебно пред жителите на Драчево. Училиштето “Климент Охридски” кое постои во селото Драчево за сите нас има голема сентиментална вредност, но децениите постоење значат и неопходна потреба од итна интервенција и обезбедување на современи улови за сите наши ученици. Оттука, новиот објект чија изградба треба да финализира за околу две години ќе обезбеди просторна функционалност на околу 3600 квадрати – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Како што информира градоначалникот, на приземје и два ката ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети, со модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и сите други неопходни простории.

Нашите ученици и во минатото покажале дека имаат знаење и постигнуваат огромни успеси во научно-образовниот процес, па наша обврска како локална самоуправа и моја како градоначалник е да им обезбедам услови за уште поголеми постигнувања и ним, а на нивните наставници и останатиот персонал покомфорни услови за работа-рече Ѓорѓиевски.

Изградба на новиот објект ќе чини околу 99 милиони денари, кои се обезбедениво државниот буџет за оваа година со пренамена на финансиски средства од буџетите на шест министерства и една агенција. Така, за Општина Кисела Вода во Буџетот за 2024 година обезбедени беа 80 милиони денари за изградба на ново основно училиште во селоо Драчево и 60 милиони денари за реализација на проектот за изградба на нова детска градинка „8 Март” во населбата Расадник.

Со средства од буџетот ќе се градат градинка и училиште и во Аеродром, односно со поддршка од централниот буџет ќе се финансира доградба на основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин и изградба на нова детска градинка „Изворче“ во населбата Стар Аеродром.

И општина Ѓорче Петров доби средства за изградба на нова детска градинка во населеното место Стопански двор, додека, наскоро треба да започне и изградба на детска градинка во населбата Бутел 2 во општина Бутел.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот