„Писмо до внуката“, најпрочуеното писмо од Горан Стефановски, доби форма на сликовница во издание на Три. Од душата на еден дедо, истовремено и човек штого промени современиот тек на македонската книжевност, со цел секој да навлезе во суштината на постоењето, да ги одгатне неговите тајни и убавините на нашата земја.

Илустрациите се на Љупка Стојкова, која, заедно со целата Редакција, внимателно го подготвуваше, страница по страница, овој емотивен исказ на авторот.

Сè што е создадено од раката на Горан Стефановски носи своја животна и книжевна вредност.

Овој интимен дел од дневникот на Стефановски е наменет за секоја возрасна група. Од најмалите на кои им посакува добредојде до најголемите, кои ја сфаќаат и заднината на сите реченици што им ги остава дедото во наследство на својата внука и на идните генерации.

Делата на Горан Стефановски, „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Бушава азбука“, „Демонот од Дебар Маало“, „Конзервирани импресии“ и сите други драми, раскази и есеи, се учебници за идните писатели и со својата безвременост сè уште се и ќе бидат најчитани книги од домашни автори. Нештата на кои нè учат, јазикот и зборовите се потврда за нашиот идентитет и патоказ за целата домашна литература.