Саем на книга: Седум награди за „Арс ламина“ од Македонската асоцијација на издавачи 

104

Издавачката куќа „Арс ламина“ на годинашното, традиционално доделување награди од Македонската асоцијација на издавачи, во рамките на Саемот на книгата, освои седум признанија во неколку категории. Прво место за книгата „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ во категоријата за најдобра книга за деца; три втори места: во категоријата за најдобро ликовно-графички уредено издание за книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“, во категориите за најкреативно издание и за поттикнување на општествената одговорност за сликовницата на кирилско и на Брајово писмо, „Шарени ириси“ и три трети места: во категоријата за најдобра едиција за едицијата „Современи класици“, во категоријата за најдобра книга за деца за сликовницата „Рокчето“ и во категоријата за најкреативно издание за комплетот книги „Мојата прва библиотека“.

„Си беше еднаш (Најубавите бајки на сите времиња)“ е голема книга за малите читатели во која, со нова, воедначена раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска (соодветна и примерена на новото време и на новите генерации читатели), се поместени 52 бајки од Ханс Кристијан Андерсен, браќата Грим и од Шарл Перо. Освен најпознатите бајки, во волшебната книга со раскошни илустрации од Наталија Лукомска може да се најдат и неколку бајки што првпат се преведени и адаптирани на македонски јазик, како и првата, воведна, „влезна“ бајка во книгата – „Златното клуче“ со која се отвора овој чудесен ликовно-книжевен свет.

Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младенови ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник што го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес.

„Шарени ириси“ е хибриден инклузивен проект. Книжевно-ликовна приказна на кирилско и на Брајово писмо, за она што се гледа и за она што не може да се види. Метафорични очи во кои живеат светлината, темнината и љубовта, можен свет (пре)создаден низ своите или низ очите на блискиот.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведувани современи македонски поети во светот. Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напиша авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај, собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров подеднакво е и поет и раскажувач.

Едицијата „Современи класици“, во чии рамки „Арс ламина“ има објавено повеќе дела од Умберто Еко, Габриел Гарсија Маркес, Ернест Хемингвеј, Орхан Памук…, во 2023 година е збогатена со уште четири значајни наслови: „Се гледаме во август“ од Габриел Гарсија Маркес, „Ноќи на чума“ од Орхан Памук, „Време на преправање“ од Жоао Пинто Коељо и збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од Борис Пахор. Со издавањето на „изгубениот“ роман на Маркес, „Се гледаме во август“, „Арс ламина“ се приклучи во синхроното објавување во повеќе од 30 земји во светот, на денот на неговиот роденден, 6 март. Преводот на романот го сработи универзитетската професорка Огнена Никуљски. Најновиот роман на Орхан Памук, „Ноќи на чума“, пак, кој се чекаше со години, беше преведен на македонски јазик (во превод на Томе Сиљаноски) меѓу првите не само во регионот туку и во светот, речиси истовремено со преводот на англиски јазик.

„Мојата прва библиотека“ го учи најмладиот читател почетник како самостојно да научи да чита и истовремено да ја развива љубовта кон читањето. Таа претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат на училиште. Со овие сликовници се создаваат поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Паралелно, можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување.

Исто така, книгата „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите)“ од Владимир Лукаш (издание на „Супрема“), зад чиј дизајн стои тимот на „Арс ламина“, ја доби третата награда за најдобро графичко уредување.