Испораките на мобилни телефони на „Apple“ во Кина остро паднаа во првиот квартал

Испораките на мобилни телефони на „Apple“ во Кина паднаа за 19 отсто во првиот квартал, што ја одразува загрозената доминантна позиција на американскиот гигант во сегментот поскапи паметни уради по враќањето на кинески „Huawei“ на пазарот, покажуваат податоците на пазарот.

Уделот на „Apple“ на најголемиот пазар на паметни телефони во светот падна на 15,7 отсто во првиот квартал, од 19,7 отсто на почетокот на 2023 година. Ова го доведе американскиот гигант речиси на исто ниво со „Huawei“, чија продажба скокна за 70 проценти, според истражувачката компанија „Counterpoint“.

„Vivo“ му ја презема на „Apple“ круната на најголем продавач на паметни телефони во Кина. Американската компанија падна на третото место, зад „Honor“, бренд на подостапни уреди. На четврто место е „Huawei“, чиј пазарен удел скокна од минатогодишните девет на 15,5 отсто.

„Враќањето на Huawei на пазарот директно влијаеше на Apple во премиум сегментот. На тоа треба да се додаде дека побарувачката за нови мобилни телефони на Apple за замена на постарите модели беше малку пригушена во споредба со претходните години“, вели аналитичарот на „Counterpoint“, Иван Лам во соопштението за печатот.

Во меѓувреме, „Apple“ започна промотивни кампањи, обидувајќи се да ги привлече потрошувачите со попусти, вклучувајќи субвенционирање на одредени модели на „iPhone“ до 1.300 јуани (168,29 евра).

Минатата седмица „Huawei“ ја претстави во јавноста новата серија смартфони „Pura 70“. Во август минатата година, по долга пауза, ја лансираа серијата „Mate 60“, која некои аналитичари ја протолкуваа како триумф над американските санкции, врз основа на софистицираниот чип од домашно кинеско производство.

Канадската истражувачка компанија „TechInsights“ очекува Кинезите да купат повеќе од 50 милиони мобилни телефони оваа година, вклучително и 10 милиони од „Huawei Pura 70“. Тоа ќе го стави „Huawei“ на прво место, со пазарен удел од 19 отсто, што е повеќе од 12 отсто минатата година.

Во првиот квартал, кинескиот пазар на паметни телефони пораснал за 1,5 отсто, продолжувајќи го позитивниот тренд од крајот на 2023 година, според „Counterpoint“.