Breaking News

Центар за дигитална трансформација „Go digital“ ќе ја поддржува дигитализацијата на мали и средни компании


– Новоформираниот Центар за дигитална трансформација „Go digital“ ќе им помага во дигитализација на микро, мали и средни компании во државава кои се успешни во работата, но им недостигаат дигитални вештини за да бидат конкурентни  и меѓународно видливи и да бидат поттикнати за извоз на глобалните пазари.


Центарот е основан е од бордот на „Македонија 2025“ и е  непрофитна организација со цел да создаде еко систем за поддршка на дигитализацијата на компаниите.


 Директорката и коосновач на „Go digital“, Никица Мојсоска-Блажевски, истакна дека дигитализацијата е една од клучните области за долгорочен развој на земјава и за економски раст, а недостигот на целосен еко систем, рече, предизвик во дигитализацијата на компаниите.

-Има мали обиди за поддршка на дигитализација на компаниите, но тие не знаат што може да направат и кои се придобивките и немаат со кого да разговараат и за финансирањето за спроведување на дигиталната трансформација, рече Мојсоска-Блажевски.


Васко Кроневски, коосновач на Центарот „Go digital“, истакна дека си поставиле амбициозна цел на среден рок да успеат да создадат еко систем во кој ќе има поддршка во планирањето на дигитализацијата на малите и средните претпријатија, во имплементација на конкретни проекти за дигитализација и помош во нивно финансирање.

 Целта е, рече, да им помогнат на успешните мали и средни претпријатија да ја зголемат својата конкурентност преку примена на дигитални алатки.


-Во изминатиот период работевме напорно да создадеме програма за обука и сертификација на дигитални консултанти кои ќе помагаат во изработка на предлог-стратегии за дигитализација на мали и средни претпријатија.

Обуката заврши пред една недела, во моментов работиме на подготовка на критериуми за селекција на мали и средни  претпријатија во области што сметаме дека се стратешки за развојот на државата и кои работат успешно – што значи да бидат профитабилни и извозно ориентирани.


Со поттик во дигитализацијата сметаме дека ќе ги направиме уште поуспешни, нагласи  Кроневски.

Соопштија дека таргет им се компании од преработувачката индустрија, со посебен фокус на прехранбената, туризмот и сектор на услуги што можат да бидат меѓународно конкуренти.

 Наскоро ќе биде објавен повик на Центарот „Go digital“ и селекција на првите претпријатија што ќе ја добијат поддршката.

Таа ќе биде во форма на бесплатна проценка за спремноста за дигитализација и, доколку се подготвени, тие компании ќе влезат во втора фаза – изработка на стратегија за дигитализација и потоа финансиска поддршка за имплементација на првата од мерките што ќе биде определена дека ќе донесе најдобар придонес во развојот на претпријатието.

Паралелно, за остварување на целта, „Go digital“ соработува со домашни ИТ-компании.  – Дигиталната зрелост кај малите и средните претпријатија во Македонија е многу ниска.

Иако една третина од компаниите имаат дигитална зрелост, таа се однесува најмногу на големите и средните компании. Кај малите и средните, секоја четврта компанија одвај има дигитална зрелост.

Ако сметаме дека треба да се интегрираме кон пазарите на ЕУ, треба да ги подготвиме нашите компании да бидат спремни за отворен пазар и за конкуренција и спремни да настапуваат на пазарите, истакна Кроневски.

Центарот за дигитална трансформација „Go digital“ е основан во август 2023 и, покрај бордот на „Македонија 2025“, веќе има неколку партнери што го поддржуваат и тие ќе бидат соопштени на официјалното промовирање на Саемот на „Македонија 2025“ што ќе се одржи на 15 и16 мај 2024.

хс/нд/Фото: МИА   .

Извор: МИА