Основците од село Драчево ќе добијат нов објект за ООУ „Св.Климент Охридски”     

Градоначалникот Ѓорѓиевски денес го потпиша договорот со најповолниот понудувач на распишаниот јавен повик за  изградба на нов училишен објект за ООУ “Св.Климент Охридски” во село Драчево. Со тоа се исполнети условите за почеток на градба на новото училиште кое ќе има капацитет за 570 ученици, а ќе се протега на 3592 квадратни метри. За две години, колку што предвидува договорот, основците од Драчево ќе добијат современ објект на два ката, кој во цeлост ќе одговара на потребите за квалитетен образовен процес.

-Со големо задоволство денес го ставив потписот на документот кој значи реализација на уште едно големо ветување пред моите сограѓани, посебно пред жителите на Драчево. Училиштето “Св.Климент Охридски” кое постои во селото Драчево за сите нас има голема сентиментална вредност, но децениите постоење значат и неопходна потреба од итна интервенција и обезбедување на современи улови за сите наши ученици. Оттука, новиот објект чија изградба треба да финализира за околу две години ќе обезбеди просторна функционалност на околу 3600 квадрати. На приземје и два ката ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети, со модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и сите други неопходни простории. Нашите ученици и во минатото покажале дека имаат знаење и постигнуваат огромни успеси во научно-образовниот процес, па наша обврска како локална самоуправа и моја како градоначалник е да им обезбедам услови за уште поголеми постигнувања и ним, а на нивните наставници и  останатиот персонал покомфорни услови за работа-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.  

Цената за изградба на објектот е околу 99 милиони денари.