Уапсен помошник на политичар на AfD од ЕУ осомничен за шпионирање во полза на Кина

Вработен во Европскиот парламент од десничарската европскептична и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) Максимилијан Крах е уапсен под сомнение дека шпионирал за Кина, соопшти во вторникот државното обвинителство во Карлсруе.

„Во понеделникот вечерта, државното обвинителство го приведе германскиот државјанин Џијан Г. во Дрезден поради основано сомневање дека работел за кинеската тајна служба“, соопшти Главното државно обвинителство во Карлсруе.

Натаму се наведува дека Џијан Г., како вработен во канцеларијата на пратеник во Европскиот парламент, во неколку наврати како агент на кинеската тајна служба испорачувал информации за одлуките на Европскиот парламент.

Германските медиуми наведуваат дека станува збор за пратеникот на AfD, Максимилијан Крах. На веб-страницата на пратеникот Крах, името на помошникот Џијан Гуо сѐ уште е на списокот на вработени акредитирани во парламентот.

„Во јануари 2024 година, осомничениот во неколку наврати испратил информации за преговорите и одлуките на Европскиот парламент до неговиот директор во кинеските тајни служби. Покрај тоа, тој собирал и информации за германски опозициски политичари“, се вели во соопштението на обвинителството.

Од водството на AfD соопштија дека веста за апсењето на помошникот на Крах е „многу вознемирувачка“, но дека сакаат да почекаат дополнителни информации од државното правобранителство.

На апсењата реагираше и официјален Пекинг, кој ги отфрли обвинувањата дека Гуо шпионирал за Кина.

„Сиве овие обвинувања служат за клевета и угнетување на Кина“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Во понеделникот, Генералното државно обвинителство нареди апсење на тројца германски државјани во друг случај под обвинение за шпионирање за Кина и доставување чувствителни индустриски податоци од воено-поморскиот сектор на кинеската тајна служба.

Минатата седмица во Германија беа уапсени и двајца германски државјани со руско потекло под обвинение дека шпионирале за руската тајна служба и добивале информации за движењето на војниците на Бундесверот, особено во врска со војната во Украина.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер ги опиша обвиненијата против помошникот на Крах како „многу сериозни“.

„Доколку се потврди дека тој шпионирал за кинеската тајна служба од Европскиот парламент, тогаш тоа е напад на европската демократија“, рече Фезер.

Максимилијан Крах е член на пратеничкиот клуб на десната и екстремната десница Идентитет и Демократија. Тој е носител на листата на десничарската AfD на претстојните избори за Европскиот парламент. Вториот носител на листата Петр Бистрон со седмици е на удар на критики поради сомнеж дека за пари наводно ширел руска пропаганда.