Неизвесно одењето на македонска делегација по Благодатниот оган од Ерусалим пред Велигден

Фото: Влада на РСМ

На десетина дена пред големиот православен празник Велигден сѐ уште е неизвесно дали македонска државно – црковна делегација ќе тргне за Ерусалим на церемонијата за преземање на Благодатниот оган поради воените дејства во Израел.

Церемонијата посветена на празнувањето на Светата светлина, се смета за величествен момент што ги поврзува верниците ширум светот со светлината на Исус Христос, а се случува во Ерусалим речиси 2.000 години, во присуство на христијански верници од целиот свет.

Македонската делегација минатата година за првпат директно од Ерусалим, од базиликата на Светиот Гроб во стариот град го донесе Благодатниот оган во фенер по што беше раширен низ православните храмови во државата по повод Велигден.

-До овој момент заедно со МПЦ-ОА сѐ уште немаме одлука дали ќе се оди во Израел поради безбедносната состојба во земјата која се менува постојано. Дури и аеродромот во Телавив неочекувано се затвора за летови па се отвора и неизвесно е дали ќе има услови за безбедно одење и враќање од Израел, изјави Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи за „Слободен печат“.

Сотировски минатата година пред Велигден беше во македонската државно – црковна делегација на Светиот гроб во Ерусалим која го донесе Благодатниот оган, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и свештените лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.

Во 2019 година за првпат МПЦ-ОА го донесе Благодатниот оган од Ерусалим во земјава за Велигден со помош на Бугарската православна црква. Македонскиот епископ Јаков отпатува со бугарската црковна делегација и велигденскиот оган го донесе во две фенери.

Традиционално на свечената церемонија во Ерусалим пред Велигден присустуваат бројни државни и црковни делегации од православниот свет, но годинава, присуството го откажа и бугарската православна црква поради ескалацијата на конфликтот во Израел.

Веста ја соопшти бугарскиот митрополит Кипријан, кој е спикер на Синодот на БПЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот