ВИДЕО | Државата ја напушти Лидија, лице со умерени пречки во развојот, семејството моли за итна хоспитализација

/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Педесет и тригодишната Лидија Јовановска од Скопје, лице со умерени пречки во развојот, преживеан мозочен удар и декубитна рана е оставена во својот дом, во рацете на нејзиниот брат Душко да се грижи за неа. Семејството бара итна хоспитализација за Лидија, бидејќи нејзината состојба е со премногу компликации и коморбидитети за да биде оставена дома, без стручна лекарска помош. Таа е исклучително потхранета, неподвижна и страда. Душко пред камерата на „Слободен печат“ упати молба до министерот за здравство Илир Демири да се заложи неговата сестра да биде хоспитализирана. Свесен е дека состојбата на неговата сестра не е таква да би можел да бара чуда, но вели дека бара само достоинствен третман а не препраќање од врата на врата во здравствените лавиринти.

-Да се направи нешто за сестра ми да функционира, барем во тој малку живот што ѝ остана да ѝ се смалат болките. Овие болки не се мали. Нозете на допир ја болат. Само да ја допрам ја болат. Одвај можам да ја подигнам. Изметот сум ѝ го вадел со ракавица, а од декубитисот тече крв. Коската ѝ се гледа, вели Душко за „Слободен печат“. 

 

Тој ги објасни здравствените лавиринти кои ги поминува додека бара болнички третман за сестра му, но и фактот дека не може да дојде ни до упат за да се среди декубитната рана.

-Ѝ велам на матичната лекарка да ми закаже термин на пластична хирургија за да ја носам сестра ми за декубитисот. Таа ми вели дека е зафатена ѝ ѕвонела втората линија. Отидов кај неа да ѝ кажам дека не бива така да ме откачи бидејќи ѝ се јавувам за мака. Термин имало на 9 мај. За оваа рана? Треба приоритетен упат но немало приоритетен упат, вели Душко. 

Тој апелира до здравствените власти веднаш да помогнат неговата сестра да биде задржана во болница поради тоа што се наоѓа во исклучително тешка состојба а по регуларен пат не доаѓаат до болнички кревет и третман. Мораат преку медиумите да го бараат тоа што е достоинствен третман на лице со умерени пречки во развојот.

-Таа се поти по 20 пати на ден. Тоа им го кажувам на докторите и никој не презема ништо. Поради тоа што има декубит не може да ѝ се направи снимање на пршлените. Година и половина има секојдневни болки. Секој ден различни напади добива. За да се направи снимање на `рбетот треба да се среди декубитисот барем малку, вели братот на Лидија, Душко. 

Лидија е неподвижна година и половина. Нејзината состојба се влошила кога паднала, по што можела да оди низ станот со придружба. Пред да легне в постела, нејзиниот живот бил функционален и одела во Заводот за рехабилитација и изработувала таписерии. Братот на Лидија, Душко во болка моли за помош од здравствениот систем и одговорните во него, да помогнат сестра му да биде достоинствено згрижена бидејќи и покрај неговата љубов за Лидија, тој е свесен дека сам не може за неа да се грижи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот