Илустрација: „Нова Македонија“

Своевиден изборен парадокс се случува во нашата земја. Поради временското совпаѓање на кампањите за претседателските и за парламентарните избори, нема да функционира идејата за оној емпатичен момент во демократијата – изборниот молк! Имено, очигледен факт е дека политиката и политичките чинители што учествуваат на изборите, на граѓаните и електоратот им чинат тешка атака на сите сетила во изборната кампања, бомбардирајќи ги со препораки и себепрепораки. Но кога тој процес законски ќе заврши, неопходно е да им остават на граѓаните и простор и време сами да одлучат за кого ќе гласаат, и тоа токму во предизборниот молк. Овој пат, тоа реално нема да се случи, па во изборниот молк ќе продолжат громогласно да удираат „воинствените барабани на политичките партии“!

Законски, официјално, денеска и утре, 23 и 24 април (до 19 часот), трае предизборниот молк за првиот круг на претседателските избори. Во изборната практика тоа значи дека запира медиумското покривање во вестите и во посебните информативни емисии на учесниците во изборните кампањи и за претседателските и за парламентарните избори, информираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Сепак, во извесна мера е контрадикторно за јавноста, зашто во овој период се дозволени емитување бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања за парламентарните избори.
Овој своевиден изборен парадокс се случува поради временското совпаѓање на кампањите за претседателските и за парламентарните избори, што практично значи дека нема да функционира идејата за оној џентлменски момент во демократијата – политиката и политичките чинители што учествуваат на изборите да им остават одредена временска дистанца на граѓаните/гласачите да одлучат кому ќе му го дадат својот глас, без притисокот на нивните пропагандни кампањи.
Од Државната изборна комисија велат дека не постои законско нарушување со непрекинување на текот на кампањата за парламентарните избори, но реалниот факт дека истите политички актери учествуваат во двете кампањи ја наметнува состојбата дека всушност нема да постои изборен молк за гласачите, односно ден без политичко-изборен притисок.
– Партиите се толку инволвирани во кампањата за претседателските избори, тој партиски наратив е толку силен, што граѓаните практично не можат да направат дистинкција дали се работи за митинг за претседателски или за парламентарни избори. Лидерите на партиите се појавуваат во кампањата на претседателските кандидати, па што би ги спречило претседателските кандидати да се појават како граѓани на одредени изборни активности за парламентарните избори, во време на изборен молк за претседателските избори, кој не ги опфаќа парламентарните?! И ако ја оставиме настрана таа дилема за недореченост на Изборниот законик за вакви ситуации, ваквиот интензитет на изборната кампања создава уште поголема конфузија кај граѓаните, особено кај неопределените гласачи (се проценува дека се околу 30-40 отсто). Таквата конфузија може да се одрази и на одзивот, што е пак важно за постигнување цензус за претседателските избори. По малку е загрижувачки како оваа конфузија со изборниот молк, со „совпаѓањето на кампањите“, ќе се одрази на денот на изборите – вели универзитетскиот професор и социолог Илија Ацески.
Правниот експерт по управно право, универзитетскиот професор Борче Давитковски, во моментот на недефинираност на изборниот молк при временско совпаѓање на кампањите за претседателските и парламентарните избори согледува и извесно изигрување на законите.

– Не само за изборниот молк, кампањите се измешаа уште на самиот почеток, кога партиските лидери, носителите на листи на парламентарните избори почнаа да се појавуваат на предизборните активности на претседателските кандидати. Граѓаните/гласачите се збунети, но се чини дека тие најмалку се прашуваат како треба да се спроведува изборната кампања, иако тие им ги плаќаат предизборните активности на партиите, како за претседателските така и за парламентарните избори. На пример, за овие избори беа издвоени околу 10 милиони евра од буџетот за предизборни активности, т.е. за кампањите на двојните избори, што ги добија партиите за медиумска промоција. Средствата од буџетот секако се пари на граѓаните, а партиите со слободно толкување на правилата во предизборниот процес/кампања менаџираат со тие пари на начин како што сметаат дека најмногу им одговара. Лесно се прави изборна кампања со туѓи пари, односно со пари на граѓаните. И ова е уште еден парадокс/куриозитет во нашиве избори. Затоа сметам дека треба да се укине државното финансирање на изборните кампањи, а политичките чинители што сакаат да учествуваат на избори сами да си ги финансираат кампањите. И сега, да се вратам назад на предизборниот молк: и овој недефиниран момент околу изборниот молк при совпаѓање на кампањите за претседателските и парламентарните избори претставува своевидно изигрување на законот – тврди професорот Борче Давитковски.