Лош здив, јазик што чеша, губење на мирис… Невообичаени симптоми кои укажуваат дека страдате од сезонски алергии

Фото: Wikimedia Commons

Дрвјата, тревата, плевелот, поленот и мувлата се само дел од работите кои предизвикуваат проблеми кај лицата кои страдаат од сезонски алергии. Сите тие знаат дека кивањето, затнатиот нос и црвенилото, чешањето на очите се некои од карактеристичните симптоми кои често ги доживуваат. Меѓутоа, сезонските алергии можат да предизвикаат и некои чудни симптоми, кои пациентите често не ги поврзуваат со сезонските алергии. Алерголозите објасниле кои се тие симптоми.

Лош здив

Ако имате лош вкус во устата, тоа можеби не е од одредена храна, туку од поленот во воздухот.

Кога премногу секрет од носот ќе склизне низ задниот дел на грлото, пациентите може да почувствуваат гадење, па дури и нагон за повраќање. Станува збор за бактерии во устата и грлото, што доведуваат до карактеристичниот лош здив.

Вртоглавица

Чувствувате дека ќе паднете, а не можете да го најдете конкретниот виновник за тоа. Вашите алергии би можеле да бидат виновникот. Постојаното таложење на слуз, особено во регијата каде што се спојуваат устата и внатрешното уво, може да создаде притисок во ушите. Ова потенцијално може да доведе до хронична болка во увото или да предизвика губење на рамнотежата.

Губење на мирис

Во последниве години, почнавме да го поврзуваме губењето на мирис со инфекцијата со ковид-19, но тоа може да биде последица и од алергиите. Луѓето кои имаат сезонски алергии понекогаш може да имаат аносмија, што е делумно или целосно губење на мирисот. Експертите велат дека ова може да се случи кога слузниците во носот се значително иритирани или затнати.

Исцрпеност

Се чувствувате малку поизморено од вообичаено? Недостигот на мирен сон би можел да биде предизвикан од симптомите на алергиите кои ве држат будни ноќе.

– Покрај симптомите на алергија кои влијаат на квалитетот на сонот, тие исто така може да ги влошат проблемите со спиењето, како што е апнеја при спиење, што исто така може да влијае на количината на сонот – рекла д-р Џулија Вендт.

Тоа исто така може да биде последица на она што алергозите го нарекуваат „синдром на замор од алергии“. Борбата против алергиите во текот на целиот ден може да го исцрпи вашето тело, оставајќи ве со мошне помалку енергија во текот на денот, вели д-р Роберт Ичес.

Проблеми со концентрацијата

Кај алергиите, многу луѓе пријавуваат „мозочна магла“, односно тешкотии со концентрацијата, па дури и некои симптоми на АДХД, велат експертите, објаснувајќи дека трошењето на енергијата на други работи како триење на носот или очите, предизвикуваат губење на потрошената енергија потребна за фокусирање.

Болка во грлото

Додека воспаленото грло може да биде симптом на вирус, како настинка или грип, тоа може да биде и показател дека телото се бори против сезонските алергии. Ова се должи на зголеменото производство на слуз во телото што предизвикува постназално капнување, главната причина за воспалено грло.

Покрај тоа, болката во грлото може да биде последица на зголемената употреба на антихистаминици кои предизвикуваат прекумерна сувост. Интензивираното кивање и кашлање поради постназалното капнување исто така е симптом кој може да доведе до иритација на грлото.

‘Рчење

Додека вообичаените нарушувања на спиењето, како што е апнеја, може да доведат до прекумерно ‘рчење, алергиите исто така може да бидат виновници. Симптомите го зголемуваат ‘рчењето, бидејќи ги ограничуваат дишните патишта, што влијае на квалитетот на сонот.

Необјаснети главоболки

Зголемениот притисок врз синусите може да биде причина за вашите главоболки. Синусните главоболки најчесто се чувствуваат околу челото и образите и најчесто се најлоши наутро, поради притисокот што се создава додека лежите цела ноќ. Тие обично стануваат помалку интензивни како што одминува денот.

Јазик што чеша

Устата или јазикот може да ве чешаат кога јадете одредена храна, но тоа не значи дека сте алергични на таа храна. Ова може да значи дека храната вкрстено реагира со друг алерген. Еден од примерите се амброзијата и бананите. Ова е познато како орален алергиски синдром (ОАС) и се појавува кога пациентите со сезонски алергиски ринитис јадат овошје, зеленчук, зачини или јаткасти плодови кои имаат вкрстена реакција.

Болни зглобови

Симптомите на сезонската алергија може да бидат придружени со општо воспаление, бидејќи телото се обидува да се ослободи од алергените кои ја предизвикуваат реакцијата, што може да доведе до болно отекување на зглобовите.

Ова воспаление, во комбинација со заморот од лошиот сон и промените на времето, може да доведе до чести болки во зглобовите.

Зуење во ушите

Зуењето во ушите може да биде предизвикано од зголемениот притисок поради затнатиот нос, што може да предизвика воспаление и иритација.

Оние што страдаат од сезонски алергии се исто така изложени на зголемен ризик од инфекции на увото, бидејќи увото нема способност правилно да го исцеди вишокот течност.

Ова исто така може да доведе до болка во увото и звуци како пукање и крцкање во увото, како и до намален слух.

Ако почувствуте кој било од овие симптоми или класични знаци дека вашето тело се бори со алергени, добра вест е дека постојат многу начини да пронајдете лек или олеснување. За почеток, обратете се кај алерголог за да ве тестира и да утврди на што сте алергични, по што ќе можете да примите соодветна терапија, пишува „Хафингтон пост“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот