Пендаровски од Битола: Не смееме да дозволиме режимот на Груевски повторно да се инсталира во Македонија

Kандидатот за претседател на СДСМ и Коалицијата за европска иднина Стево Пендаровски на вечерашниот граѓански собир на плоштадот „Магнолија” во Битола упати остри критики кон кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова и партијата која ја предложи за претседателски кандидат дека доколку тие се доберат или не дај боже ја освојат власта на голема врата во Македонија ќе се врати режимот на Груевски и Македонија ќе се врати триесет години назад без никакви шанси да стане членка на Европската унија.

-Пред четири години направивме една работа која е рамна на прогласувањето на независноста на државата. Успеавме после долги преговори со голема помош од нашите стратешки партнери да ја внесеме Македонија во НАТО. За една мала држава е голем успех да седи на иста маса со главните фактори во меѓународните односи. Малата Македонија денеска е на рамна нога и седи на иста маса со Америка, Германија, Франција, Канада и разговара за сите горливи безбедносни проблеми, само затоа што постоеше храбра политичка структура која не водеше сметка за својот рејтинг, која не се грижеше дали ќе бидат популарни и не мислеше на идниот мандат, туку мислеше на идните генерации и мислеше да ја обезбеди безбедноста на државата за следните децении. Без гарантирана безбедност нема теоретска шанса да мислите на економски развој. На меѓународен план направивме историски исчекор со тоа што после 17 години ги отворивме преговорите, и во моментот кога мислевме дека сме на брза пруга за членство во ЕУ, се испречи главната опозициона партија.

Таа политичка партија нема учествувано на позитивен начин во ниту еден државотворен акт од 1991 година до денес. Во 1991 година, таа иста политичка партија сакаше со Декларација да се раздружиме од Југославија, беше против народното изјаснување на референдум. Во 1993 година беше против нашето членство во Обединетите Нации, во 2001 година беше против Рамковниот договор, во 2018 година против Преспанскиот договор, беше против европската преговарачка рамка, сите клучни исчекори за зацврстување на темелите на македонската држава од Прохор Пчински до денес ги има направено оваа политичка структура и за тоа треба да им се оддаде почит на луѓето коишто се вложија себеси во основата, во фундаментот на македонската држава, се со цел македонските граѓани да имаат перспектива а не на неколку години да се прашуваме дали ќе не биде? Ќе не биде, и тоа како ќе не биде со народна поддршка која мора да ја покажеме и на првиот и во вториот изборен круг- рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Според него ВМРО-ДПМНЕ на овие избори нуди идентични работи како пред пет години и притоа никој не кажува дали има гаранција од некој витален и значаен меѓународен фактор за нивната понуда.

– Од Битола сакам да истакнам дека овие договори што ги потпишавме и што ги усвоивме и со кои станавме членка на НАТО и тргнавме напред кон Европската унија не ги правеа двајца или тројца во Битола или во Скопје, мислејќи дека така е најдобро. Клучните меѓународни фактори стојат зад тие договори, затоа што од комплетна балканска и европска изолација во која не донесе режимот, оваа политичка структура поддржана од Вас ја врати Македонија во меѓународните односи како рамноправна држава со сите други. Е, сега тие сакаат да репреговараат во наредните триесет години и јас Ви гарантирам ако тие евентуално имаат шанса да се доберат до власта и почнат да преговараат како што знаеме како преговараат 20-30 години, уште овие малку млади луѓе што ни останаа во државата  ќе се доиселат. Никој нема намера да го троши својот живот чекајќи режимот повторно да се етаблира и богати и само малкумина во оваа држава да имаат ќар и средствата во оваа држава кои не се мали да ги делат само малкумина на таа партија. Помина времето на режимот, не дај боже, не смееме да дозволиме повторно  да се инсталира режимот 2.0-додаде Пендаровски.

 Тој притоа нагласи дека во ВМРО-ДПМНЕ се е исто од политичка до кадровска понуда, само еден човек го нема, само Груевски го нема, сите други се тие што беа во периодот од 2006 до 2017 година, кога имаше две категории на граѓани.

-Имаше членови на ВМРО-ДПМНЕ и сите други. Само тие можеа да се вработуваат, само нивните бизниси одеа напред, а сите ние бевме жртви на тој режим. Новинари беа во затвор, постоеа монтирани политички процеси, имаше сардисување на приватните бизниси, заради тоа беше направено Специјално јавно обвинителство кое за жал не ја заврши до крај работата. Затоа сега, после 8 мај потребен е комплетен ветинг на сите судии, сите обвинители и сите од нас политичарите кои сме на највисоките функции во државата-рече на крајот од своето обраќање на граѓанскиот собир во Битола кандидатот за претседател на СДСМ и Коалицијата за европска иднина Стево Пендаровски.

Текст и фото Васка М.Младеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот