„Македонија! Тие имаат ритам, седум осмини, девет осмини, волшебна хармонија, имаат тапанари, имаат и гитаристи, Влатко Стефановски! Бескраен талент!“ Со овој цитат од новиот роман „Солунска 28“ (III дел), на легендата на популарната екс-ју група „Забрането пушење“ и на култната ТВ-серија „Топ-листа на надреалистите“, д-р Неле Карајлиќ, се истакнува неговата поврзаност и љубовта со нашата земја и музика. На промоцијата, која се одржа на преполниот штанд на издавачката куќа „Арс Ламина“, во рамките на Саемот на книгата 2024 (18-24 април), во арената „Борис Трајковски“, Скопје, беше претставен последниот роман од трилогијата „Солунска 28“. Овие три изданија, како и првата книга на Карајлиќ, „Фајронт во Сараево“, се во издание на „Арс Ламина“.

Приказната за една куќа, еден град и два света, Карајлиќ ја заокружува со третиот дел насловен како „За сексот, дрогата и рокенролот“. Овој роман говори за експлозијата на рокенролот во поранешна Југославија, чиј симбол беа токму сексот, дрогата и рокенролот. Приказната во третото продолжение е лоцирана во 80-тите години на минатиот век и главно ја проследуваме низ перспективата на Милан Јанковиќ.

„Се радувам на секое враќање во Македонија. Половина живот го имам ‘оставено’ во Скопје. Доаѓав често уште пред да станам популарен, тука служев војска (на аеродромот Петровец), а кога почнав да се занимавам со музика, Скопје беше од оние градови каде што не доаѓавме само да отсвириме туку и да се забавуваме и да поминеме некое време… За мене секое доаѓање во Скопје е празник. Ги обожавам и Скопје и Македонија, а тоа не пропуштив да го споменам и во мојата нова книга. Всушност, еден од музичарите во бендот кој ‘ја спаси Југославија’ е Трајче од Македонија“, додаде Карајлиќ.

Тој додаде дека третиот роман решил да го смести во најубавата доба – за време на експлозијата на популарната култура – 80-тите години.

„На нив, јас и мојата генерација се сеќаваме со носталгија. За нас, тоа беа најсреќните години, иако историските факти кажуваат дека тоа не беа ниту малку лесни. Југославија тогаш поминуваше низ економска, општествена и политичка криза, што на крајот резултираше со страшна војна и распад на Југославија. Верувам дека во тоа романтизирање на тие години голем удел има рок-музиката, која е прв облик на музичко и уметничко изразување, кое ги ангажира и ги поттикнува фановите на општествен ангажман, да се бунтуваат против неправди, војна, корупција… Рок-музиката инспирира движење, не само во Југославија туку и во целиот свет. Во книгата пишувам за своите искуства од случувањата во 80-тите години, кои ги доживеав занимавајќи се со музика и уметност“, додаде Карајлиќ. Тој откри дека работи на нова музика, но и на нова книга, овој пат за познатиот научник Никола Тесла.