Се редат „наполитанкитe“ на просторот кај фабриката „Треска“, почна и продажбата на станови

Ништо од заложбите на активистите не се реализира, на просторот кај поранешната фабрика фирмата „Голден арт“ веќе интензивно гради зграда по зграда, а деновиве со видеоанимација за тоа како ќе изгледа новата населба, им понуди на граѓаните да си купуваат станови во овој комплекс.

На просторот кај поранешната фабрика „Треска“ сепак никнуваат згради „наполитанки“ на чија изградба со години се спротивставуваа граѓани, граѓански организации и архитекти, наведувајќи дека на овој централен простор бетонизацијата ќе го одземе и воздухот и провевот и дека е неопходно зеленило.

За тоа што и како ќе се гради кај „Треска“ се спроведе и јавен конкурс, чии најдобри решенија не само што не беа спроведени, туку воопшто не беа ни презентирани пред јавноста. Поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, во чиј мандат се спроведе конкурсот, ветуваше дека нема да дозволи изградба на претходно зацртаните згради, дека ќе се прават усогласувања меѓу ДУП и ГУП.

 Таму во претходен план од 2012 година, има вцртано нула проценти зеленило, сè се згради, кои јас ги викам „наполитанки“, кои се само бетон и ништо повеќе. Овој концепт што сега го размислуваме и кој очекуваме да произлезе во едно дефинитивно конкурсно решение, ќе даде нов облик на планирање, односно ќе даде можност да се задоволат потребите и параметрите што ќе произлезат од ГУП, но и да се вградат некои начела со кои ние се бориме – истакна тогаш Богдановиќ .

Фото: Принтскрин од видеоанимација на „Голден Арт“

Сепак, ништо од заложбите на активистите не се реализира, а на просторот кај поранешната фабрика со месеци трае изградба на згради. Фирмата „Голден арт“ веќе интензивно гради зграда по зграда, а деновиве со видеоанимација за тоа како ќе изгледа новата населба им понуди на граѓаните да си купуваат станови во овој комплекс. Тоа предизвика бурни реакции по социјалните мрежи.

Зошто за фабрика „Треска“ имавме конкурс? Зошто фабрика „Треска“ не требаше да се решава според нелегален ДУП одобрен од Уставен суд и од Министерство за транспорт и со дозволи од актуелното раководство на Општина Центар? За да не го добиеме решението на „Голден арт“! За на конкурс да се добијат креативни решенија по кои ќе се прави нов план! Победи инвеститорскиот урбанизам и го упропасти просторот засекогаш. Уште се фалат со решението – посочија од „Шанса за Центар“.

Фото: „Голден арт“

Граѓанската иницијатива и нејзините советници во Советот на Општина Центар подолг период се спротивставуваа и се обидуваат да спречат кај „Треска“ да се изградат зградите зацртани во актуелниот ДУП. За овој ДУП Буњаковец 1 и 2 беше изработен и елаборат за суспензија од стручната служба на Општина Центар, токму поради неусогласеноста на планот со Генералниот урбанистички план, а беше распишан и конкурс за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката „Треска“. Архитектката Даница Павловиќ Циги објавувајќи фотографија од изгледот на новиот комплекс, посочи дека тоа е токму она против што се бореле архитектите и граѓаните.

Уставен суд не поведе постапка за „Треска“: Устав може да се смени, ама ДУП никако, реагираат од „Шанса за Центар“

И скопјани не се воодушевени од зградите што никнуваат во строгиот центар. Велат дека зградите личат на кинески кварт или на населба од социјалистичкиот период, со еднолични згради со монолитна архитектура, кои не ги задоволуваат стандардите за урбано живеење. Според нив, нема доволно воздух, нема природна циркулација, нема зеленило, а според прикажаното, ќе нема ниту доволно паркинг-места за идните жители.

Се залагав да не биде вака, безброј пати повторив на јавните собири дека ова е супстандардно живеење, дека нема отворен и проветрен јавен простор, нема доволно зеленило, нема простор за игра на деца, одмор и рекреација… ама џабе, тие што одлучуваа, не можеа или не сакаа да го сфатат тоа или и ним им одговарало да ги поддржат инвеститорите алчни само за профит, а прворангираното конкурсно решение го нудеше сето тоа со мали отстапки. Богатите инвеститори ќе живеат и ќе уживаат во нивните хациенди, а, за жал, идните жители, главно млади, ќе живеат во овој урбан хаос – коментира на Фејсбук архитектот Бато Радоњиќ.

Сопствениците на парцелите кај „Треска“ го објавија изгледот на населбата, Центар сѐ уште го нема проектот

Уште минатото лето беше за првпат објавена визуализација на просторот, со објаснување дека на местото на „Треска“ ќе се изгради модерен комплекс со ниски станбени згради со квалитетна архитектура, која ќе остави впечатлив белег во околината, со уредено зеленило, модерна урбана опрема, меѓублоковски паркови и спортски игралишта. Кој и како ја подготвил оваа визуализација, никаде не беше соопштено, но од Општина Центар, на прашањето од „Слободен печат“ тогаш објаснија дека проектот и визуализацијата се презентирани од сопствениците на земјиштето што е во рамките на градежните парцели.

Во меѓувреме, се расчисти просторот кај „Треска“, се урнаа постојните стари објекти, а во септември фирмата „Голден арт“ почна да ја гради првата зграда на овој простор, за која Општина Центар издаде градежна дозвола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот