Градските и општинските советници земаат месечни паушали и кога на седницата се изгласал само дневен ред

Законот за локална самоуправа пропишува дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и на дневните трошоци, што значи дека законски не е утврдено што точно значи тоа присуство на седница и дали за седница се смета и заседанието на кое само ќе се утврди дневниот ред.

Градските советници деновиве на раб на кворум се собраа да одржат седница на која требаше да расправаат за годишни извештаи на јавните претпријатија, за давање дозвола за вршење дејност паркирање на неколку фирми, да разгледаат извештаи од работењето на јавните установи и неколку други тековни прашања што не се во спротивност со изборниот процес.

Токму кворумот беше причина за прекинување на седницата на која освен што се утврди дневниот ред и се помина една од 28-те точки на дневниот ред, не се сработи ништо друго, што и не е за изненадување затоа што на сите вниманието им е насочено кон претстојните избори, а од Советот на Градот дури десетина советници се на листите за пратеници на нивните партии.

Сепак, тоа што ништо не се сработи не е причина советниците да не земат месечен паушал од по 500 евра со самото тоа што седницата се одржала, без оглед што не завршила. За да се исплати надомест на советниците, мора во месецот да биде одржана барем една седница на советот. Како што е познато, месечните паушали се највисоки во Град Скопје и се во висина на просечната плата исплатена во државата во претходната година. Во општините, пак, месечниот надоместок се утврдува како процентуален износ од просечната месечна плата во претходната година, но не повеќе од 40% во општини до 10.000 жители, 50% во општини од 10.001 до 25.000 жители, 60% во општини од 25.001 до 50.000 жители и 70% во општини над 50.001 жител. Претседателите на советите пак добиваат за 30% поголем износ на надоместок од советниците.

На ова укажаа и независните советници од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

За жал, сѐ почеста е практиката советниците од големите партии да ја напуштат седницата на Советот на Град Скопје поради една или друга причина, и со тоа да снема кворум, кој е задолжителен за работа. Тоа се случи и денес, каде што по 2 часа натегање и само една обработена точка на дневниот ред, снема кворум и седницата се одложи – истакнаа од „Зелен хуман град“ по завршувањето на седницата.

Според нив,оваа практика е лоша поради повеќе причини, прво, затоа што круцијални одлуки не можат да се донесат и на време да се стават во практика, ниту да се презентираат предлозите на советниците што се добиени од граѓаните. Покрај тоа, како што истакнуваат, се троши времето на сите советници што дошле на седницата, но и на другите присутни какви што се претставниците од Градот, од јавните претпријатијата и установите.

Најважно: секој потпишан советник што дојде на почетокот на седницата, ќе го добие својот месечен паушал од 500 евра, без разлика дали седницата се заврши или не. Ние разбираме дека некогаш некој ќе треба да излезе поради многу причини, а некогаш тоа може и цела група демонстративно да го направи. Но, сè почесто советниците што напуштаат седница не се во ниту една од тие категории, туку едноставно нешто не им се допаѓа или добиваат наредба да заминат. Затоа, сите оние што ја напуштија седницата по само една точка, беа почестени со нивниот месечен паушал од 500 евра од граѓаните на Скопје. Тој масовен труд што го вложија реално требаше да биде така награден – велат од ЗХГ.

Законот за локална самоуправа пропишува дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и на дневните трошоци, што значи дека законски не е утврдено што точно значи тоа присуство на седница и дали за седница се смета и заседанието на кое само ќе се утврди дневниот ред.

Во однос на одржувањето на седниците, во законот се вели дека се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци. Седниците ги свикува претседателот на советот на своја иницијатива, на барање на градоначалникот или на барање од најмалку една четвртина членови на советот.

Досегашната практика на заседавање на советите на скопските општини и на Град Скопје, покажува дека седници се одржуваат еднаш месечно.

Останува прашањето дали месечните паушали се главната причина за нивното редовно закажување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот