Германската амбасадорка Петра Дрекслер изврши увид на изградбата на Топлификацијата во Битола

Фото: Васка М.Младеновска/ Слободен печат

Германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер престојуваше во Битола за да изврши увид и да се увери како се одвива изградбата на топловодот во Битола.

– Исклучително сме задоволни од текот на работите за изградба на топловодот од РЕК „Битола“ до Битола. Задоволни сме од ова што го гледаме на терен, од посветеноста и ангажманот на изведувачот на работите, како и од исполнувањето на обврските на нашиот партнер во реализацијата на овој проект, Државните електрани ЕСМ и ЕСМ Топлификација Битола-порача германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер при увидот на теренските активности за изградба на топловодот во Битола.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер во Битола за време на увидот на градежните работи за топлификацијата на Битола ја придружуваа Марион Флојт Леферник од Германско министерство за техничка соработка, Давид Оберубер, директор на канцелариите на ГИЗ за Косово и Македонија и Роберт Сарламанов, претставник на КФВ банка во Македонија. При увидот на терен, присутни беа и претставници на изведувачот на работите, на австриската компанија IC Austria која го врши надзорот и директорот на ЕСМ Топлификација Битола, Горан Козаров.

Заради одличната реализација на проектот Топлификација на Битола, германската делегација најави дека се размислува за проширување на проектот со т.н. Solar District Hea@ng во Битола. Соларните мрежи за централно греење користат големи површини со соларни термални колектори како извор на топлина. Концептот е познат и како соларно централно греење (SDH).

Технологијата на соларните мрежи за централно греење е докажана, велат германските партнери во проектот за изградба на топловод од РЕК „Битола“ до Битола, и може да даде важен придонес за процесот на декарбонизација во иднина.

Инаку, да потсетиме проектот Топлификација на Битола, Новаци и Могила се гради со кредит од германската КФW банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ инвестира 7 милиони евра сопствени средства.

Во првата фаза, на мрежата ќе се приклучат 35 државни и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во пелагониските села.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот