Со новата американска помош Украина може да ја победи Русија

Украина има шанси за победа во војната со Русија сега кога Претставничкиот дом на САД одобри повеќе оружје за Киев, рече украинскиот претседателот Володимир Зеленски во интервју за Ен-Би-Си во неделата.

Забелешките дојдоа еден ден откако американските пратеници го усвоија новиот предлог-закон за помош, кој одобрува дополнителни 61 милијарда долари за поддршка на Украина. Финансиската помош беше закочена во Конгресот од минатата есен поради загриженоста на републиканците дека Вашингтон нема стратегија ни за победа, ниту за мировно решение.

„Мислам дека оваа поддршка навистина ќе ги зајакне вооружените сили и ќе имаме шанса за победа ако Украина навистина ги добие системите за оружје, кои ни се толку потребни“, рече Зеленски. Тој ги повика САД да го завршат конечното усвојување на законот што е можно поскоро со цел да почнат да испраќаат повеќе оружје.

Предлог-законот допрва треба да биде усвоен од американскиот Сенат, кој треба да гласа за него на 23 април. После тоа, тој оди до претседателот Џо Бајден, кој рече дека ќе го потпише.

„Сакаме да помогнеме да дојдеме до работите што е можно побрзо за да добиеме опиплива помош за војниците на линијата на фронтот што е можно поскоро – не за уште шест месеци“, рече украинскиот лидер. Тој конкретно побара повеќе системи за противвоздушна одбрана и ракети со поголем дострел, тврдејќи дека украинската армија трпи загуби поради недостигот на двата системи.

„Потребно ни е оружје со долг дострел за да не губиме луѓе на линијата на фронтот затоа што имаме жртви, затоа што не можеме да стигнеме толку далеку“, рече тој, додавајќи дека уште едно одложување би значело повеќе жртви. „Ако го добиеме за половина година… процесот го закочивме половина година и ќе имаме загуби во неколку насоки. Загуби и на војници и на опрема“.

Зеленски призна дека победата е далеку од загарантирана. „Сега имаме шанса да ја стабилизираме ситуацијата“, рече тој. „Има толку многу променливи фактори“. Тој ја отфрли можноста за разговори со Москва, тврдејќи дека не може да им се верува ниту на претседателот Владимир Путин, ниту на некој висок руски функционер.

Пакетот за помош одобрен од Домот не е наменет само за нови пратки на оружје. Според Политико, најголемиот дел од парите (23 милијарди долари) ќе бидат наменети за надополнување на американските залихи кои веќе се користат за обезбедување оружје на Украина.

Само околу 14 милијарди долари би биле наменети за Иницијативата за безбедносна помош во Украина, која Пентагон ја користи за купување на нови системи за оружје за Киев од американските одбранбени изведувачи, според „Гардијан“. Други 10 милијарди долари помош беа означени како повратен заем за да се смират некои републиканци, пишува весникот.

Москва стои на ставот дека Вашингтон ја предизвикува Украина „да се бори до последниот Украинец“ со своите испораки на оружје. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предвиде дека САД на крајот ќе се соочат со „гласно и понижувачко фијаско како во Виетнам или во Авганистан“.