Важи за фаворит: „Рајан Гослинг треба да го глуми Емануел Макрон во серијата за него“
Американските актери Рајан Гослинг и Џулија Робертс имаат интересна работна понуда – улогите на францускиот претседател Емануел Макрон и првата дама Брижит Макрон во телевизиската серија за нивната врска, која започнала кога таа била негова професорка во средно училиште, пишуваат странските медиуми.
Најстарата француска филмска продукциска куќа „Гомон“ објави дека работи на драма во шест дела за односот на претседателот и неговата сопруга.
Не е познато кој ќе ја игра славната двојка, но за време на една дискусија за продукцијата, Розелин Башело, поранешната француска министерка за култура, ги предложи актерите кои би сакала да ги види во улогите.
„Веднаш помислив на Рајан Гослинг бидејќи воочив дека постои физичка сличност меѓу него и Емануел Макрон. А се сетив и на Џулија Робертс“, изјави Башело.
„Гомон“ не го објави датумот кога ќе се прикажува серијата, ќе биде напишана од француските сценаристи Бенедикт Шарл и Оливие Пупоне, а секоја епизода ќе трае 45 минути.
„Брижит Макрон е фасцинантен лик, сакавме да ѝ пријдеме на романтичен, речиси мелодраматичен начин“, изјави Шарл во интервју за „Фигаро“.
Од кабинетот на францускиот претседател тврдат дека тие не се вклучени во проектот и дека за тоа дознале од медиумите.
Приказната ќе започне во 1992 година, кога 15-годишниот Емануел Макрон ја запознал својата идна сопруга за време на една драмска работилница во средното училиште. Таа тогаш имала 39 години.
Брижит Макрон била омажена професорка по драма во католичкото училиште „Ла провиденс“ во Амјен кога го запознала идниот претседател. Нивната врска предизвикала контроверзии во провинцискиот град во северна Франција и довела до тоа родителите на Емануел Макрон, двајцата лекари, да го испратат својот син да се школува во Париз.
Во 2006 година, Брижит Макрон се разведе од сопругот Андре-Луј Озиер, банкар, и се омажи за Макрон една година подоцна. Емануел Макрон имаше 29 години, а Брижит Макрон имаше 54 години кога се венчаа во 2007 година. Десет години подоцна тој стана претседател на Франција.