Маја Оџаклиевска многу расположено го прослави 69. роденден – но, скромно со внукот и семејството

6034

На легендарната пејачка годините не ѝ можат ништо!

Легендарната македонска поп-пејачка Маја Оџаклиевска го прослави својот 69. роденден во Белград. Уште изгледа свежо, а секако дека здравјето е нејзиното најголемо богатство. Славеше скромно и во потесниот круг на своето семејство, каква што е и самата таа, скромна и никогаш ненаметлива. А и подароците за Маја, беа скромни.

Инаку, родена е во Скопје. Основно училиште го заврши во Шведска. Потоа се врати во своето Скопје и се запиша во Музичко училиште, со желба да стане пред сè, оперска пејачка.

Сепак, својата богата музичка кариера на пејачка на забавни песни ја започнува како 16-годишно девојче со аудицијата во тогашното Радио Скопје. Кога беше откриен нејзиниот вонсериски талент, таа веќе во 1970 година се пресели во Белград по иницијатива на влијателен музички уредник Радослав Грајиќ.  Учествува во емисијата „Максиметар“, каде што победила, а добива и улога во претставата „Рабле“ на Жан Луј Баро, која две сезони се прикажуваше на Големата сцена на „Народниот театар“ во Белград. Потоа учествува и на популарниот фестивал „Белградската пролет“ кој и отвора ширум врата на тогашна југословенска естрада. Пееше на многу фестивали, честопати на „Сплитскиот“ (ќе ја памтиме по хитот „Кадену си ми дао“), на „Опатискиот“, на „Сараевскиот“, на „Месам“ и секако кај нас на „Скопскиот“.

За малку требаше да ја претставува Југославија на Песна на Евровизија кога беше втора со хитот „Лиду-лиду-ду“. Соработуваше со голем број композиторски, поприлично познати  имиња: Александар Сања Илиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Григор Копров, Аца Кораќ, Кире Костов, Ѓорѓе Новковиќ, Корнелије Ковач….

Маја Оџаклиевска како родена Македонка постојано им дава морална поддршка на Македонците во Србија. Секогаш е добредојден гостин на различни настани организирани од тамошната македонска заедница. Владата на Република Србија во меѓувреме ѝ додели Национална пензија. Таа денес главно повеќе не настапува, живее повлечено на село, далеку од светлините на Белград. Заедно со ќерките и внукот.

Маја и понатаму ќе ја слушаме со хитовите: „Многу солзи“, „Само сеќавања“, „Даљине“, „Сребрени улици“, „Буди добар као што сам ја“, „Шила“…..

(Д.М.)