Македонија
20. April 2024 - 16:41

Аеро клубот „Штип“ одбележа 100 години од своето постоење

Аеро клубот „Штип“ одбележа 100 години од своето постоење. Аеро клубот е здружение на граѓани, формирано со цел да овозможи граѓаните да се запознаат со убавините на воздухопловните спортови. Меѓутоа, последните 24 години аеро клубовите во земјата егзистираат само благодарение на ентузијазмот на нивните членови.

- До 2000-та година бевме под Министерството за образование, а од тогаш па наваму сме оставени сами на себе, сами егзистенцијата да си ја бараме и со маки успеваме да опстанеме, изјави Митко Петешев, престедател на АК „Штип“.

Бараат повторно да се вратат „под капата“ на Министерстото како воздухопловни школски центри, со што државата ќе добие многу, а ќе одвои минимални средства.

- Тоа се „една рака“ луѓе, потребно е само 10 до 12 вработени и тоа е се, додаде Петешев

Во моментот Воздухопловниот Школски Центар, кој врши едукативно-воспитна дејност и нуди можност на сите заинтересирани да се стекнат со лиценца за пилот, опстојува преку самофинансирање. 

- Има заинтересирани млади дечки кои својот животен пат го гледаат во летањето, меѓутоа тие што имаат финансиска моќ можат да ја завршат целата обука и да добијат лиценца за сообраќајни пилоти, ама вработувањето е надвор од Македонија, изјави Андон Караколев, член на АК „Штип’  

Кандидатите за моторни пилоти мора да поседуваат етички и морални вредности, како и лекарско уверение издадено од Воздухопловна летачка комисија. Во склоп на аеро клубот работат и школите за ракетно моделарство, падобранство и едриличарство кои постигнуваа врвни резултати на европско и светско ниво.