Јакимовски: Да градиме геријатриски центри и пензионерски домови, на пензионерите децата им се иселија
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски од Коалицијата „Храбро за Македонија“ денеска повика во државата да се изградат повеќе пензионерски домови и геријатриски центри за нега во склоп на болниците..
-Ние имаме во Македонија 330.000 пензионери. Факт е дека децата ни се иселуваат, младите ни се иселуваат. Тоа значи дека државата мора да се пресвичува и треба да гради институции што ќе се грижат за овие пензионери. Ако децата ни се во странство кој ќе се грижи за нивните родители? Тоа значи дека треба да се отвораат пензионерски домови, односно најмалку 15-тина пензионерски домови низ градовите во Република Македонија, рече Јакимовски.
Тој повика да се води институционална грижа за пензионерите кога тие ги немаат покрај себе децата.
-Од друга страна, јасно е дека има повеќе од 750 граѓани во моментот кои се врзани за постела, било да се работи за парализа, мозочни удари, тешки сообраќајки или луѓе кои се во тешка терминална фаза. Тоа значи дека треба да градиме геријатриски центри. Мојот предлог е да градиме геријатриски центри во склопот на општите болници, да има од 20 до 50 легла и практично сите наши граѓани кои се во тешка здравствена состојба да бидат згрижени во тие геријатриски центри затоа што луѓето не можат да најдат лице кое ќе се грижи за нив, затоа што нивните деца треба да работат или не се во државата но државата мора да биде та која ќе направи институционална форма и ќе води грижа за луѓето кои се во тешка здравствена состојба, предложи Јакимовски.
Тој го повтори и својот предлог пензионерските семејства да немаат приход помал од 25.000 денари за да може да ги покрие трошоците за исхрана, за лекови, за греење, за ѓубретарина, струја и други потреби.