Театарот „Ј.Х.К. Џинот“ од Велес, здружението за театарска афирмација „Пресврт“ и германскиот институт „Гете“ ја најавуваат претставата „Мац, мац!“, во режија и кореографија на Филип Петковски и копродукција на трите институции.
Претставата е најновиот авторски проект на режисерот, работена по мотиви на „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс, и се заснова на физички и танцов театар, како и на постдрамски стил на изразување. Проектот е добитник на престижниот Фонд за интернационална копродукција на институтот „Гете“, кој првпат финансира македонски продукции и се јавува како главен финансиер на проектот, како и Министерството за култура на Македонија. Во претставата за првпат ќе настапи гарда на млади актери, а вклучени се и копродуценти од Косово и од Германија.
Премиерата на претставата „Мац, мац“ ќе се случи на 26 април во Велешкиот театар. Целта на овој проект е да го афирмира постдрамскиот стил на изразување преку поставување современи американски драми, како и промоција на физичкиот театар преку колаборативен процес базиран на импровизации и телесно изразување. Преку интердисциплинарна соработка и промоција на млади танчари и актери, проектот создава уникатен сценски продукт што провоцира и ги покрева темите поврзани со семејните врски, хомофобијата, патријархатот, немоќноста и алчноста, кои длабоко одекнуваат со предизвиците и сложеноста на светот во кој живееме денес.
– „Љубопитноста ја убила мачката“ гласи англиската изрека, но сепак не е сѐ така како што изгледа, бидејќи мачките се познати и по тоа што имаат девет животи. Инспириран од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс, овој проект се служи само со главното дејство на драмата како појдовна точка, но се стреми дополнително да ги истражи приказните, ликовите и скриените пораки што авторот само накусо ги споменува во своето дело. Вилијамс, иако бил ограничен поради општествените стигматизации во текот на 1950-тите години, но и свесен за цензурата на која требало да ѝ се потчини за да ја зачува својата кариера како драматург, сепак, успешно инсинуира неколку теми што ги вметнува како заднински дејства во своите драми. Имајќи го тоа предвид, тој алудира на ликови и ситуации што во тоа време би биле третирани како проблематични. Речиси седумдесет години по премиерната изведба на драмата, нашето општество успеа да надмине голем број културолошки и општествени ограничувања, па се чини дека веќе имаме видено и чуено сѐ, но, сепак, патријархалното и хетеронормативното општество во кое живееме и понатаму ги диктира нормите околу тоа што го сметаме како табу – вели режисерот на претставата.
Во текстот на Вилијамс, мачката Меги, која е главниот протагонист, му се заканува на својот сопруг Брик дека ќе скокне од покривот доколку тој продолжи да ја игнорира нејзината љубов за него. Во ова видување, на Меги ѝ се придружува целата фамилија на жешкиот лимен покрив и тие свесно решаваат да се изгорат, бидејќи ако скокнат од покривот, ќе паднат помеѓу „обичните“ луѓе од кои, всушност, се плашат.
– Наместо да скокнат, тие наоѓаат задоволство во неподносливите неудобност и болка, само по цена да останат на врвот. Опседнати со нивниот изглед, социјален статус и богатство, тие секојдневно ги слават нивните навидум совршени животи, барајќи удобност во дрогата и алкохолот за да ја надминат грдотијата на светот во кој живеат. Додека континуирано танцуваат за да ја скријат својата болка, ги согледуваме нивните испреплетени врски. Во „Мац, мац“ нашите сексуално напалени, налудничави и длабоко вознемирувачки ликови ја залажуваат мачката да дојде за да си играат со неа, симболизирајќи ја опседнатоста на нашето општество за инстантно задоволство. Затоа, ако сте „мачка“, мјаукајте додека не ве забележат и не ве пуштат да влезете, но, како и секогаш, чувајте се од кучињата, кои ве чекаат да ви го уништат денот – вели Филип Петковски.
Играат: Ведран Чешарек – Брик, Ана Јовановска – Меги мачката, Илин Јовановски – Скипер, Васил Зафирчев – Биг Деди, Кети Борисовска – Биг Мама, Филип Христовски – Гупер, Сандра Танчева – Меј. Режијата и кореографијата се на Филип Петковски, музиката на Мориц Вернер (Германија), сценографијата на Дардан Жегрова (Косово) и Филип Петковски, а костимите на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска. В.Д.