САД ги повлекуват трупите од Нигер

Соединетите држави ќе ги повлечат своите војници од Нигер, изјавил извор за Reuters доцна во петокот, додавајќи дека е постигнат договор меѓу американскиот заменик државен секретар Курт Кембел и водството на Нигер.

Малку повеќе од илјада американски војници се стационирани во Нигер. Американската војска во Нигер оперираше од две бази, вклучително и база за беспилотни летала позната како „Воздушна база 201“ изградена во близина на Агадез во централен Нигер по цена од повеќе од 100 милиони долари.

Од 2018 година базата се користи наводно против милитантите на Исламската држава и организацијата Џамат Нусрат ал-Ислам вал-Муслимин, која е огранок на Ал Каеда во Сахел.

Минатата година војската ја презеде власта со државен удар во Нигер, незадоволна од дотогашните власти и странските сили на западните земји во справувањето со радикалните џихадисти кои всушност оставрија големи напредувања во Сахел заземајќи под своја контрола големи области

До пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Сепак, новата влада во Нигер им се придружи на воените власти во соседните Мали и Буркина Фасо, каде исто така владееше народно незадоволство од слабото справување со Исламската држава и Ал КАеда, и го прекина воениот договор со поранешните западни сојузници.

Воената власт во Нигер го напушти регионалниот политички и економски блок ECOWAS и, како и другите споменети земји започна да одржува блиски воени и економски врски со Русија.

Во наредните денови ќе се разговара за тоа како ќе изгледа повлекувањето на војниците, изјавл изворот на Reuters кој сакал да остане анонимен. Соговорникот додал и дека и покрај овој чекор, ќе продолжат да постојат дипломатски и економски односи меѓу САД и Нигер.

Весникот The New York Times претходно во петокот објави дека повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци.

Минатиот месец, владејачката воена хунта во Нигер соопшти дека веднаш го повлекува воениот договор што му овозможи на воениот и цивилниот персонал од Министерството за одбрана на САД да дејствува во земјата. Пентагон потоа соопшти дека бара разјаснување, додавајќи дека американската влада имала „директни и искрени“ разговори во Нигер пред објавувањето на воената хунта и дека продолжува да комуницира со владејачкиот воен совет на Нигер.

Илјадници луѓе излегоа на улиците на главниот град на Нигер минатата седмица за да побараат заминување на американските војници од земјата, откако владата дополнително ја промени својата стратегија со прекин на воениот договор со САД и добредојде на руските воени инструктори.

Осум државни удари во западна и централна Африка во текот на четири години, вклучително и во Буркина Фасо, Мали и Нигер, поттикнаа зголемена загриженост за губењето на влијанието на западните земји, главно поранешните европски колонијални сили на континентот.