Фото: ЕПА

Според објавените информации на веб-страницата „Флајрадар24“, на небото над Босна и Херцеговина бил забележан авион „бомбардер челинџер 650 артемис“. Експертите цитирани од регионалните медиуми објаснуваат дека станува збор за авион што по дизајнот е класичен патнички авион, но е максимално опремен за стратегиско извидување (електронско разузнавање) на територии. Летот на суперопремениот „бомбардер челинџер 650 артемис“, според веб-страницата „Флајрадар24“, се реализирал по коридор до пограничните области на Бугарија и Романија, па кон Србија. Летовите се од правецот на Јадранско Море преку Црна Гора и Косово и, според толкувањата на експерти, идентичните коридори и начин на летање укажуваат на постоење индикации дека станува збор за една иста задача, односно мисија. Но, тоа спаѓа во врвни воени тајни, а бидејќи и нашата земја е членка на НАТО, не најдовме соговорници што и хипотетички би ги коментирале прелетот на специјализираните воздухоплови.
Речиси истовремено се огласи врховниот командант на силите на НАТО за Европа и командант на европската команда на армијата на САД, Кристофер Каволи, кој рече дека НАТО одлучило да ги зајакне резервните сили во рамките на мисијата на Косово (КФОР) и во Босна и Херцеговина (Мисијата ЕУФОР Алтеа).
– Откако направивме целосна ревизија на КФОР, дојдовме до заклучок дека ни требаат не само повеќе сили туку и посилни сили. Овој процес е во тек. Ќе донесеме повеќе тешка опрема на теренот, како и повеќе луѓе – рече Каволи на сослушувањето пред Комитетот за вооружени служби на американскиот Сенат. Тој додаде дека најмалку две фокусирани мисии се лансирани за да се соберат повеќе информации и подобро разбирање на настаните во Косово и БиХ.
Каволи оцени дека етничките тензии во Босна исто така имаат потенцијал да ескалираат и да го дестабилизираат регионот на Западен Балкан.
– Ги зајакнуваме врските меѓу резервните сили за ЕУ, мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина и мисијата КФОР. Мора да ги споиме стратегиските сили на тој простор. Франција беше особено дарежлива во ова прашање и со ова им благодарам – заклучи Каволи. Х.И.