САД воведоа санкции против соработник на израелскиот министер и два ентитета

Соединетите држави во петокот воведоа санкции против соработник на екстремно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел и два ентитета кои собраа пари за доселениците на окупираната палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан) обвинети за насилство.

Санкциите, покрај оние што веќе беа воведени оваа година за пет доселеници и против два нелегални пунктови на Западниот брег, се последниот знак за растечката фрустрација на САД од политиката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, толкуваат американските медиуми.

На санкционираните лица им е замрзнат целиот имот во САД и на американските државјани им е забрането да работат со нив.

Двете санкционирани организации започнаа кампањи за собирање средства за поддршка на доселениците обвинети за насилство кои претходно беа санкционирани, соопшти американското Министерство за финансии.

Потезите на администрацијата на Бајден против израелските доселеници ги вознемирија десничарските членови на владејачката коалиција на Нетанјаху, кои го поддржуваат проширувањето на еврејските населби и евентуалната анексија на Западниот брег, кој Палестинците го сакаат во нивната идна држава, заедно со источен Ерусалим и втората палестинска енклава Појасот Газа.

Вашингтон воведе санкции против Бен-Зион Гопштајн, основачот и лидерот на десничарската група Лехава. Според Гопштајн, движењето Лехава има 5.000 членови.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, рече дека членовите на групата биле ангажирани во „дестабилизирачко насилство кое влијае на Западниот Брег“.

„Под раководство на Гопштајн, Лехава и нејзините членови се вклучија во насилство или закани за насилство врз Палестинците, често насочени кон чувствителни или нестабилни области“, рече Милер, предупредувајќи на дополнителни чекори доколку Израел не преземе мерки за да ги спречи екстремистичките напади поради ескалацијата на насилството на Западниот брег последните денови.

Европската унија, исто така, во петокот соопшти дека договорила санкции против Лехава и други групи поврзани со насилните доселеници.

Гопштајн, најистакнатата личност во Израел која е под американски санкции, е близок соработник на министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, со кој има семејни врски. Бен-Гвир, како и Гопштајн, беше ученик на покојниот Меир Кахане, ултранационалистички рабин чие движење Ках беше означено од Вашингтон на листата посебни глобални терористички организации.

Бен-Гвир остро ја осуди одлуката на САД во петокот, истакнувајќи дека обвиненијата против санкционираните лица се резултат на клевета од палестински групи и анархисти.